Skip to content

40 тони македонски јаболка вратени од Бугарија за пет дена: ако не се за ЕУ, дали се за нашата трпеза?

1 мин. читање
Сподели
40 тони македонски јаболка вратени од Бугарија за пет дена: ако не се за ЕУ, дали се за нашата трпеза?

Две пратки за пет дена, вкупно 40,4 тони. На 29 октомври бугарската Агенција за безбедност на храната запре 21.089 килограми јаболка од Македонија – во нив бил пронајден пестицид чија употреба е забранета во ЕУ. На 2 ноември падна втората пратка, 19.350 килограми, со остатоци од пестициди над максимално дозволените граници. Двете се враќаат кај испраќачот. А на 18 септември, поради остатоци од пестициди, беше запрена и пратка од 11.843 килограми пиперки.

Што точно е пронајдено, не се знае. Во објавените информации нема ниту името на пестицидите, ниту измерените концентрации, ниту кои производители или извозници стојат зад пратките.

Во земјоделските групи на социјалните мрежи реакцијата дојде брзо: политика, заштита на бугарското производство. Аргументот што најчесто се слуша е Русија – таму со години сме извезувале без проблем, зошто сега Бугарија враќа? Некои прашуваат и зошто без пречки влегуваат производи од Италија.

Правилата, сепак, кажуваат друго. Бугарија е членка на ЕУ и ја применува Регулативата 396/2005 за максимално дозволените остатоци од пестициди, која важи подеднакво за домашните производи и за увозот. Македонското јаболко на бугарската граница мора да ги исполни истите граници како полското, италијанското или бугарското. Русија има свои санитарни правила во рамките на Евроазиската економска унија – не мора да се поблаги, но се различни. Без да се знае кој пестицид и во која концентрација, никој не може да тврди дека вратената пратка би поминала таму.

А и руската приказна за јаболката е повеќе спомен отколку статистика. Според базата WITS на Светската банка, Македонија во 2025 година извезла 65.524 тони свежи јаболка, вредни 24,1 милион долари. Русија воопшто не фигурира меѓу дестинациите. Најголеми купувачи биле Србија, Грција и Бугарија. И Бугарија се лизга: од 31.785 тони во 2024 година, на 14.557 тони во 2025 – повеќе од двојно помалку за една година.

Наједноставно е да се покаже со прст преку границата. Но пестицид забранет во ЕУ не влегол сам во камионот. Некој го продал, некој го прскал, некој требаше да провери пред пратката да тргне. Македонија, според Законот за безбедност на храната, ги користи европските вредности за максимално дозволени остатоци. Ако тие граници важат и кај нас, тогаш прашањето не е само зошто Бугарија ги вратила јаболката. Прашањето е и што се случува со пратките што никој не ги враќа – оние што завршуваат на нашите пазари.