Skip to content

Италија ги забрани бурката и никабот во училиштата, а децата што слабо зборуваат италијански ги ограничува на 30% од одделението

1 мин. читање
Сподели
Италија ги забрани бурката и никабот во училиштата, а децата што слабо зборуваат италијански ги ограничува на 30% од одделението

Во сите италијански училишта од денеска е забрането прекривање на лицето. Претседателот Серџо Матарела ја потпиша уредбата на десничарската влада на Џорџа Мелони, а правилото е кратко: лицата на учениците мора да останат препознатливи. Во пракса тоа значи крај на исламските превези што целосно го покриваат лицето, како бурката и никабот.

Но превезот е само насловот. Подлабокиот рез доаѓа од учебната 2027/2028 година: во првата година на секое ниво на школување најмногу 30 проценти од учениците ќе смеат да бидат деца со странско потекло што не зборуваат доволно добро италијански. Квотата важи за деца без италијанско државјанство, што не се родени во Италија и не посетувале италијанска градинка најмалку две години. Во средните училишта, учениците мора да имаат најмалку три години школување во Италија за да не влегуваат во квотата.

Родителите што имаат сериозни тешкотии со италијанскиот би можеле да бидат обврзани да посетуваат курсеви по јазик, ако тоа ја отежнува комуникацијата со училиштето на нивното дете. Мерките се воведени со итна уредба, а парламентот мора да ги потврди во рок од 60 дена.

Прашањето на кое уредбата не одговара е едноставно: што се случува со детето што ќе остане надвор од квотата? Дали ќе оди во друго училиште, во друга паралелка, на друг крај од градот? Деца што не го избрале ни јазикот ни земјата во која растат стануваат бројка во табела.

Италија со децении е една од првите адреси за луѓето од Балканот што заминуваат на работа. Секое семејство што заминало со дете на училишна возраст знае каков е првиот ден во училница каде што не го разбираш јазикот. Од 2027 година, тоа дете во Италија покрај јазикот ќе има пред себе и квота.

Политичкиот контекст е јасен. Мелони од 2022 година ја води коалицијата од крајната десница и конзервативците, победи со ветување за поцврст став кон мигрантите, а нејзината партија Браќа на Италија (Fratelli d’Italia) и натаму води во анкетите пред изборите што се очекуваат следната година. Притисокот врз неа, сепак, не доаѓа од левицата, туку од уште подесно: новата партија Национална иднина (Futuro Nazionale) на поранешниот генерал Роберто Ваначи бара уште поостар пристап кон миграцијата. Кога десницата се натпреварува со уште подесна десница, некој мора да ја поднесе цената – а овој пат на ред се децата во училишните клупи.