Skip to content

„Пазењето“ е најкористениот контрацептив во Македонија: 43,9 отсто од паровите, наспроти 14 отсто со современ метод

1 мин. читање
Сподели
„Пазењето“ е најкористениот контрацептив во Македонија: 43,9 отсто од паровите, наспроти 14 отсто со современ метод

Кога 43,9 отсто од паровите на возраст од 15 до 49 години што живеат во брак или заедница се потпираат на прекинат однос, а само 14 отсто користат современ метод на контрацепција, тоа не е статистика за спалната соба. Тоа е статистика за здравствениот систем. Бројките се од Истражувањето на повеќекратни индикатори (МИЦС) на УНИЦЕФ за 2018-2019 година и тоа се последните национални податоци што постојат. Седум години подоцна, понови нема.

Структурата е уште поизразителна. Кај паровите во брак или заедница, кондом користеле 10 отсто, спирала 1,4 отсто, а таблети само 1,1 отсто. Дури 40,1 отсто не користеле никаков метод. Кај младите жени на возраст од 20 до 24 години, околу 14 отсто користат современ метод, 38,6 отсто се потпираат на прекинат однос, а кондом користат 11 отсто.

Асоцијацијата за здравствена едукација и истражување ХЕРА, по повод Светскиот ден на контрацепцијата, кој годинава се одбележува под мотото „Избор без бариери“, предупредува дека ова не е само прашање на личен избор. „Ниската употреба на современа контрацепција не е само прашање на личен избор. Кога методите не се финансиски достапни или не се обезбедени преку здравствениот систем, изборот не е еднаков за сите“, велат од ХЕРА.

Есенцијални на хартија, од свој џеб во аптека

Контрацептивните лекови во 2026 година се вклучени на есенцијалната листа на лекови. Но и понатаму не ги покрива задолжителното здравствено осигурување. Со други зборови, системот признал дека се есенцијални, а сметката ја остава кај пациентката на касата во аптека. ХЕРА бара нов чекор: контрацептивите на позитивната листа на лекови, како и сеопфатно сексуално образование со достапни, доверливи и научно засновани информации за младите.

Разликата меѓу методите не е академска. Според податоците на американскиот CDC и на Светската здравствена организација, при вообичаена употреба во текот на една година со прекинат однос забременуваат околу 20 од 100 жени, со кондом околу 13, со таблети околу 7, а кај спиралите стапката на неуспех е меѓу 0,1 и 0,8 отсто. Прекинатиот однос не чини ништо и нема несакани ефекти, но не штити ниту од сексуално преносливи инфекции. Кондомот е единствениот метод што штити и од бременост и од повеќето инфекции.

Во светот сликата е поинаква. Според најновиот извештај на ОН, во 2026 година 77,2 отсто од жените во репродуктивна возраст кои сакаат да избегнат бременост таа потреба ја задоволуваат со современ метод. Директните споредби бараат претпазливост, бидејќи популациите не се исти, но јазот е тешко да се превиди.

Малку контрацепција, а малку деца

Тука се појавува и парадоксот. Македонија има ниска употреба на современа контрацепција, а истовремено многу низок наталитет: во 2025 година се родиле 15.850 деца, а починале 20.287 луѓе. Абортусите не го објаснуваат тоа, нивниот број паѓа од година во година, од 4.983 во 2013 на 2.151 во 2024 година. Поверојатното објаснување е во демографијата: помалку млади луѓе, семејства што се формираат подоцна и генерации во репродуктивна возраст што се иселиле. Просечната возраст на мајката при првото дете во 2025 година стигна 28,2 години.

Прашањата за здравствените власти се две и едноставни. Ако контрацептивите се доволно есенцијални за листата, зошто не се доволно есенцијални за осигурувањето? И зошто последната национална слика за нешто толку основно е стара седум години?