Skip to content

Повик од пет дена, една понуда, 4,8 милиони евра: човекот што ја одобри фирмата подоцна работеше во програмата

1 мин. читање
Сподели
Повик од пет дена, една понуда, 4,8 милиони евра: човекот што ја одобри фирмата подоцна работеше во програмата

Прославата за 35 години независност чинела околу 5,5 милиони евра – 340 милиони денари. Владината портпаролка Марија Митева тоа го соопшти на прес-конференција, со документација, објаснувајќи дека главнината, 300 милиони денари, дошла од нераспределената добивка на Државна лотарија за 2024 година, а не од буџетот. Дополнителни 650 илјади евра дале општествено одговорни компании.

Формално, значи, граѓаните не платиле ништо од трезорот. Но постои детал во постапката што го отвора прашањето кое власта се обиде да го затвори со истата прес-конференција.

Пет дена повик, една понуда

Владата на 28 април, на 167. седница, ги утврдила активностите и ѝ укажала на Државна лотарија да обезбеди 300 милиони денари и да објави јавен повик. Повикот е објавен на 4 мај – и траел пет дена. На него се јавила една единствена фирма: „Стардаст“, поврзана со „Авалон“, и добила договор за спонзорство вреден 4,8 милиони евра.

Директорот на Лотарија Александар Климовски беше прашан дали компанијата можела да ја одбие Владата. Одговорот беше не.

„Акционерското друштво има 3 органи. Има акционер кој што ви е газда и имате надзорен и управен одбор. Ние не можеме да одбиваме наредби од страна на акционерот ако се законски и целисходни“, објасни тој.

Ем во комисијата, ем во програмата

Понудата ја оценила тричлена комисија од надворешни лица. Претседател бил композиторот Николче Мицевски, членови Зоран Стефановски и Веселин Теохаров. Комисијата, според директорот, ја потврдила соодветноста на понудата и на предложената програма со барањата на Владата.

Истиот Николче Мицевски подоцна се појавува како автор на оркестрациите и аранжманите за концертот на Хосе Карерас – дел од таа иста програма.

Прашан за тоа, Мицевски даде потесна дефиниција за својата улога од онаа што ја даде директорот.

„Комисијата беше само за проверка на веродостојноста на документите, значи, дали тие се во потполност и на време доставени. Пред нас се отвори ковертот. Но, понудата да бидам ангажиран во програмата дојде подоцна. Во тој момент кога бев претседател на комисијата, воопшто не знаев дека ќе бидам дел од програмата. Тоа дојде подоцна, некому му се допаѓа мојата работа и ми понуди“, изјави Мицевски.

Двете објаснувања не се исти. Директорот вели дека комисијата ја потврдила и програмата; претседателот на комисијата вели дека гледале само дали документите се комплетни и навреме доставени. Тоа не е нијанса – тоа е разликата помеѓу техничка проверка и содржинска оцена.

Што останува непознато

Засега нема објавено кога точно Мицевски бил ангажиран, кој го избрал, колкав надомест добил и дали ангажманот бил пријавен пред институциите. Нема ни официјална оцена од надлежен орган дали воопшто постоел судир на интереси.

Не се знаат ни поединечните износи за Хосе Карерас, Дејвид Гета и домашните изведувачи – тие договори имаат клаузули за доверливост. Значи, знаеме колку вкупно, не знаеме за што.

Претставникот на „Авалон продукција“ Бобан Милошоски откри и дека „Стардаст“, фирма на неговата ќерка, два месеца пред објавувањето на повикот добила 1,8 милиони денари спонзорство од Лотарија за комерцијални концерти – за кои, како што рече, моментално не се сеќава кои биле.

Транспарентност со ограничено работно време

Митева на прес-конференцијата се повика на минатото: ексдиректорот на Лотарија Перпарим Бајрами и поранешниот прв вицепремиер Артан Груби се обвинети во случајот „Лотарија“ за злоупотреба на сума што Обвинителството ја ревидирало на 9,7 милиони евра. Споредбата е јасна – тие земале, ние дадовме.

Само што споредбата со нешто полошо не е ист аргумент како доказ дека постапката била чиста. Пет дена повик со една понуда, комисија чиј претседател подоцна работи во програмата што ја одобрил, и клаузули за доверливост врз сите поединечни износи – тоа се три работи на кои транспарентната постапка нема потреба да им се брани.

Државна лотарија не е приватна каса. Нејзината добивка е државна, без оглед на тоа дали поминала низ трезорска сметка. Прашањето, значи, не е дали прославата била убава. Прашањето е зошто постапката за пет милиони евра изгледаше како да била скроена за еден понудувач.