Skip to content

Обновливите капацитети растат побрзо од планот – сега мрежата мора да ги стигне

1 мин. читање
Сподели
Обновливите капацитети растат побрзо од планот – сега мрежата мора да ги стигне

Македонија бележи побрз раст на инсталираните капацитети од обновливи извори од предвиденото, а тоа, според министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска, го потврдил и Секретаријатот на Енергетската заедница. Пораката министерката ја објави на социјалните мрежи и ја повтори на петтата Годишна соларна конференција на Македонската соларна асоцијација „Солар Македонија“.

Според оценката на Енергетската заедница, уделот на обновливата енергија во производството на електрична енергија пораснал од 25,9% во 2022 година на 32,2% во 2023 година. Извештајот ги издвојува Македонија и Албанија како земји со водечки развој на соларните фотоволтаични капацитети во регионот. Уделот на обновливите извори во бруто финалната потрошувачка на енергија во 2023 година бил 20,2%.

Тука почнуваат бројките што бараат второ читање. Министерката зборува за национална цел од 38% обновливи извори во бруто финалната потрошувачка на енергија до 2030 година. Во материјалот за оценката на Енергетската заедница и ажурираниот Национален план за енергија и клима (НПЕК) 2025-2030, целта за 2030 е наведена како 31,6%. Која бројка важи и дали станува збор за иста мерка? И уште една ситница: најсвежите бројки во оценката се од 2023 година, а годинава е 2026.

Втората порака е поважна од пофалбата. Божиновска предупреди дека обновливите капацитети не можат неограничено да растат ако мрежата не е подготвена безбедно да ја прифати дополнителната електрична енергија. Затоа се најавуваат годишни планови за развој на енергетската инфраструктура, со кои однапред ќе се знае каде има простор за приклучување, во кој рок и каква инфраструктура е потребна. Целта е да се напушти пристапот во кој една централа може да биде изградена пред да е решено прашањето за приклучокот и стабилноста на мрежата.

Ажурираниот НПЕК предвидува постепено напуштање на јагленот до 2030 година, батериско складирање, модернизација на преносната и дистрибутивната мрежа и електрификација на транспортот. Целта за вкупните емисии на стакленички гасови во 2030 година е 6,72 милиони тони CO₂-еквивалент, што е намалување од 46,1% во однос на 1990 година.

Обновливите капацитети растат побрзо од плановите и тоа е добра вест. Лошата е што планот за мрежата допрва доаѓа. Колку инвеститори веќе чекаат на приклучок, и кој ќе плати ако мрежата не ја издржи енергијата што сите толку брзо ја произведуваат?