Skip to content

Без пасош и со забрана за излез од државата, Ива Михаилова стигна во Софија – а границата „не ја забележала“

1 мин. читање
Сподели
Без пасош и со забрана за излез од државата, Ива Михаилова стигна во Софија – а границата „не ја забележала“

Ива Михаилова (23) од Кочани, на која ѝ се суди за сообраќајната несреќа во која загина 33-годишен маж, во понеделникот требаше да се пријави во полициска станица, како што барал судот. Наместо тоа, се појави во Бугарија. Без пасош – двата, македонскиот и бугарскиот, ѝ беа одземени уште во октомври минатата година. Со судска забрана за напуштање на државата. И, според македонските власти, без никаков траг на границата: нејзиното заминување не го евидентирала ниту македонската, ниту бугарската гранична полиција.

Бугарската телевизија БТВ објави дека таа границата ја преминала во придружба на бугарскиот адвокат Николај Димитров. Михаилова изјави дека заминала поради влошена здравствена состојба и дека тоа го сторила со своите лични документи. Според бугарските медиуми, примена е во софиската болница „Пирогов“.

Притвор што чека да ја најде

Обвинителството во Кочани оцени дека ги прекршила мерките на претпазливост и побара притвор поради опасност од бегство. Основниот суд во Кочани ѝ определи 30-дневен притвор, кој ќе почне штом таа ќе биде пронајдена и приведена. МВР распиша централна и меѓународна потерница. Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски потврди дека Михаилова нелегално ја напуштила државата и изрази надеж дека „нашиот источен сосед“ ќе ги почитува меѓународните правила.

Министерството за надворешни работи и надворешна трговија го повика бугарскиот амбасадор Желјазко Радуков. Начинот на кој Михаилова била пречекана во Софија, вклучително и најавите за нејзин прием на високо ниво, МНР го оцени како провокација што ги поткопува напорите за добрососедски односи. „Националната припадност или поседувањето друго државјанство не смее да служат како основа за заштита од одговорност пред надлежните институции“, му било пренесено на амбасадорот. Министерството најави дека ќе ги информира институциите на Европската Унија и Советот на Европа.

Прашањето што не се праќа во Брисел

Реакцијата кон Софија има основа: држава членка на ЕУ во која се најавува прием на високо ниво за обвинета што избегала од судење праќа порака дека едно државјанство вреди повеќе од туѓиот суд. Но пред да се пишува до Брисел, има прашање на кое треба да се одговори дома. Како 23-годишна жена без пасош, под судски мерки, ја минува државната граница така што никој не ја забележува?

Адвокатот Димитров тврдеше дека службеници им „помогнале“, а од полицијата останаа резервирани по прашањето дали внатрешната контрола веќе истражува. Поранешниот министер за внатрешни работи Павле Трајанов е директен: одговорноста за утврдување на тоа како Михаилова ја напуштила државата е пред сè на македонските институции, а Бугарија не може да се смета за одговорна, освен ако не се докаже дека нејзините институции учествувале.

Опозицијата веднаш го претвори случајот во политички. СДСМ бара оставка од Тошковски и прашува дали нешто било договорено на средбите на министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски во Софија. Иницијативата „Разговори за иднината во 12:05“ бара оставки од тројца министри – за внатрешни работи, за надворешни работи и за правда. Од ВМРО-ДПМНЕ упатуваат на надлежните институции.

Потерницата ќе оди по своите канали, а барањето за екстрадиција, ако дојде до него, по своите. Но правдата за загинатиот 33-годишник не зависи само од Софија. Зависи и од тоа дали некој дома ќе одговара за тоа како обвинета без пасош ја мина границата.