Skip to content

Судење за „Пулс“: сведоците на одбраната ја бранат полицијата, родителите прашуваат зошто концертот воопшто започнал

1 мин. читање
Сподели
Судење за „Пулс“: сведоците на одбраната ја бранат полицијата, родителите прашуваат зошто концертот воопшто започнал

Во Основниот кривичен суд во Скопје продолжи судењето на 13-те полициски службеници од Кочани и Штип, обвинети дека ноќта на пожарот во дискотеката „Пулс“ не постапиле според акцискиот план и не ја спречиле употребата на пиротехника. Овој пат пред судот застанаа сведоци на одбраната – двајца пожарникари. Целта на одбраната беше јасна: да покаже дека полицајците таа ноќ не стоеле со скрстени раце.

Благојчо Паунов, пожарникар-спасувач од Територијалната противпожарна единица Кочани, кажа дека дојавата ја примиле во 2:35 часот и дека до објектот стигнале за околу пет минути. Опиша мешани тимови од пожарникари, полицајци, обезбедување и цивили што заедно извлекувале луѓе, и посочи дека го повикал полицаецот Драган Петрушев, познат како Казак, еден од обвинетите, да собере што повеќе колеги за спасување. Според сведоците, полицијата претходно ја расчистила улицата и ослободила простор за противпожарните возила. Пожарот, кажа Паунов, бил локализиран дури околу 4 часот наутро, а целосно изгаснат околу 5 часот.

Тоа е верзијата на одбраната. Обвинителката Спасенка Андонова во вкрстеното испрашување само потсети дека најмногу спасувале цивилите, кои немале ни полициско палто. Пред овие сведоци, судот веќе слушна бројни сведочења дека полицајците таа ноќ одбивале да помогнат со образложение „Не сме обучени за ова“.

Хидрант за украс

Најтешката реченица на рочиштето не дојде од обвинителството, туку од сведоците на одбраната. Во сандачето за хидрант во „Пулс“ имало црево, но немало вентил. Кога го отвориле, сфатиле дека е неупотреблив. Хидрантот, како што беше наведено во исказите, „служел само за украс“.

Тоа не е детал за еден полицаец – тоа е детал за целиот систем. Објект во кој хидрантот е декор, во кој се палат огнени прскалки, а кој и покрај тоа работи и организира концерт. Кој го проверувал? И колку други сали низ државата во моментов имаат сандаче со црево, а без вентил?

Родителите не бараат пресуда однапред

Родителите на загинатите реагираа по рочиштето со прашањето што е суштината на целиот процес: што требало да направи полицијата таа вечер? Според нив, дискотеката немала законска документација ни за работа ни за одржување концерт, па настанот требало да биде спречен уште пред да започне.

Тие нагласуваат дека не бараат вината да се утврди однапред, туку вистината да излезе од доказите, и ја повикаа одбраната да не ја одолговлекува постапката со небитни прашања. „Ниту една униформа или функција не смее да биде пречка за утврдување на одговорноста“, порачаа родителите.

Судењето продолжува со нови сведоци. Одбраната ќе се труди да покаже дека полицајците помагале откако пламнало. Но обвинението не е за тоа што направиле по полноќ – туку за тоа што не направиле пред тоа. Таа разлика треба да ја чува судот.