Skip to content

Прославата на независноста чинела 340 милиони денари, а колку зеде Гета е „доверливо“

1 мин. читање
Сподели
Прославата на независноста чинела 340 милиони денари, а колку зеде Гета е „доверливо“

Позадината на прес-конференцијата во Владата гласеше „Транспарентност и отчетност“. Пред неа, владината портпаролка Марија Митева и генералниот директор на Државна лотарија Александар Климовски го презентираа извештајот за прославата на 35 години независност. Вкупниот трошок: 340.509.749 денари, за 18 настани во 13 градови. Колку зеде Дејвид Гета – не кажаа.

Извештајот од над 80 страници го подготвила агенцијата „Стардаст“, која ја организираше прославата. Парите се распределени во пет категории: хонорари за артисти и изведувачи 129,3 милиони денари, продукција 96,2 милиони, логистика 58,5 милиони, хонорари за соработници 53,5 милиони и маркетинг 2,8 милиони денари. Државна лотарија, генерален спонзор, обезбедила 300 милиони денари.

„Доверливо“ со јавни пари

Хонорарите на 67 музички артисти, меѓу кои Гета и тенорот Хозе Карерас, се сумирани во една бројка од речиси 2,1 милиони евра. Поединечните договори Лотарија ги нема. „Државна лотарија не може да влезе во тие договори, тие се базирани на доверливост. И доколку го направиме тоа, може да се соочиме со тужби“, рече Климовски. Значи, државна компанија дава пари, приватна агенција ги дели, а кој колку добил е деловна тајна меѓу агенцијата и ѕвездите.

Климовски вели дека и самиот верува во бројките, иако не може да ја провери нивната веродостојност. Тој смета дека трошоците биле во рамките на реалните пазарни вредности, а приближно 47.000 евра за маркетинг ги нарече знак за домаќинско работење. Порача и дека Државниот завод за ревизија може да ја стави Лотарија во план за ревизија. Тоа е добар предлог. Прашањето е зошто граѓаните треба да чекаат ревизор за да дознаат она што Владата можеше да го каже на самата прес-конференција.

Спонзорот излезе на виделина дури по концертот

За организацијата се јавила само една компанија, „Стардаст“, на оглас што траел пет дена. Договорот со Лотарија бил склучен само десет дена по владината седница на која е донесена одлуката. Додека траеја најавите, а и во екот на прославата, не се знаеше ни кој е главниот спонзор – тоа излезе на виделина дури неколку дена по концертот на 8 септември, откако го откри истражувачка редакција.

Според извештајот, Гета на Националната арена „Тодор Проески“ го гледале околу 50.000 луѓе, а програмата „Силно светнал ден“ помина низ 11 градови со 41 македонски вокален изведувач. Можеби прославата навистина била добра. Но ако сè е во ред, зошто договорите се кријат зад зборот „доверливо“?