Skip to content

65 години Технички факултет во Битола: Професорот што ги учеше студентите да создаваат, а не само да пресметуваат

1 мин. читање
Сподели
65 години Технички факултет во Битола: Професорот што ги учеше студентите да создаваат, а не само да пресметуваат

Кога Сотир Пановски дошол на Техничкиот факултет во Битола и му предложил на еден постар колега да почнат да објавуваат трудови во научни списанија, колегата ја кренал главата и прашал: „А што е тоа?“ Пановски денес ја раскажува анегдотата со насмевка – но таа кажува колку долг пат поминала институцијата што на 16 октомври одбележа 65 години од почетоците на инженерското образование во Битола.

Приказната почнува во 1961 година, со Вишата техничка школа – 18 години пред да биде формиран Универзитетот „Св. Климент Охридски“. Во 1977 година школата прераснува во Технички факултет, а во 1979 станува членка на новоформираниот универзитет. Факултетот е, како што потсети деканот Митко Костов, постар од универзитетот во чиј состав е денес.

„Храм на инженерството“

Пановски, машински инженер, бил првиот професор вработен на факултетот откако тој прераснал од виша во високообразовна установа. Почнал во 1979 година, поминал 37 години како професор и се пензионирал во 2018. Зад себе остава повеќе од 250 дипломски работи, над 35 магистерски трудови и четири докторски дисертации под негово менторство, како и повеќе од 435 референци. „Ги учев идните кадри да го сакаат тоа што ќе го работат. Да создаваат, а не само да пресметуваат“, вели тој. Неговите поранешни студенти денес ги среќава како сопственици на фирми, директори и инженери.

Ректорот Игор Неделковски, кој токму тука ја почнал академската кариера и ја делел канцеларијата со Пановски, факултетот го нарече „храм на инженерството“. „Сите поважни објекти околу нас, почнувајќи од РЕК, Стрежево и многубројните фабрики, се изградени или со нив раководеле инженерски кадри од овој факултет“, рече тој. Од факултетот потекнува и првиот, засега единствен академик на битолскиот универзитет, Глигор Каневче.

Раст во време на одлив

Денес факултетот нуди седум студиски програми на прв циклус, со околу 40 професори, 10 лаборатории и шест компјутерски училници. Најинтересната бројка ја кажа деканот: во последните четири-пет години бројот на запишани студенти пораснал за 10 отсто – и тоа во време кога матурантите се сè помалку, а многумина заминуваат на студии во странство.

Тоа е ретка добра вест. Прашањето е дали Битола и Пелагонија ќе имаат индустрија што ќе ги задржи инженерите што факултетот ги создава – или ќе ги школува за пазарите на другите.