Skip to content

Судијка го суспендира шефот на полскиот Уставен суд, претседателот влезе со туркање: Лекции за уставен ред сега држи и Медведев

1 мин. читање
Сподели
Судијка го суспендира шефот на полскиот Уставен суд, претседателот влезе со туркање: Лекции за уставен ред сега држи и Медведев

Судијката Ана Корвин-Пјотровска на 30 октомври влезе во Уставниот суд во Варшава, го суспендира претседателот на судот Богдан Свјенчковски и неговиот заменик Бартломеј Сохањски на еден месец и самата го презеде раководењето. Основа: најдолг судиски стаж. Свјенчковски не стигна ни до влезот. Полицијата го запре на оградата, откако неговите поддржувачи ја пресекоа со електричен алат. Шефот на највисокиот уставен орган во земја членка на ЕУ остана надвор од сопствениот суд.

Претседателот Карол Навроцки во тој момент леташе кон Сенегал. Нареди авионот да се врати. „Во ваков момент претседателот мора да биде во Полска“, порача. Околу еден часот по полноќ влезе во зградата заедно со првиот претседател на Врховниот суд Збигњев Капињски, а снимките го покажуваат како ѝ вели на Корвин-Пјотровска да се тргне и поминува покрај неа со туркање. Неговите луѓе тврдат дека судиите ја прекршиле неповредливоста на шефот на државата. Судијата Мачеј Берек вели спротивното: претседателот „налетал со голема сила“ врз судијката. Внатре Навроцки им порача: „Вие не сте судии на Уставниот суд“. Излезе во пет часот наутро, со изјава дека е прекршен уставниот поредок и дека уставен орган е насилно преземен.

Надвор ноќта течеше по познато сценарио. Демонстрантите ја пробија заштитната ограда, некои фрлаа предмети кон полицијата, тројца се приведени. Пред судот дојдоа лидерот на „Право и правда“ Јарослав Качињски и поранешниот премиер Матеуш Моравјецки. Министерот за правда Валдемар Журек побара да им се укине имунитетот на Свјенчковски и Сохањски.

Медведев откри устав

Тогаш се јави Дмитриј Медведев. Заменик-претседателот на Советот за безбедност на Русија напиша дека во Полска е во тек уставен удар. „Либералите на бриселскиот штитеник Доналд Туск ги малтретираат конзервативците од ПиС. А методот е потполно ист како во неонацистичка Украина: поништување на овластувањата на Уставниот суд“, објави тој, а Володимир Зеленски го нарече „оној гад со брада во зелена униформа“.

Ова го пишува човек од земја во која уставот беше променет во 2020 за Владимир Путин да може да остане на власт до 2036 година. Туск предупреди дека проруски групи и ботови ќе се обидат да го искористат судирот. Медведев тоа го прави и без ботови.

Кој почна прв

Само што Медведев не мора да лаже за да звучи убедливо, и токму тоа е проблемот. Судот го сецираат единаесет години. Во 2015 коалицијата на Граѓанската платформа, на излез од власта, избра пет судии, претседателот Анџеј Дуда не ги прими заклетвите, а новата власт на ПиС ги поништи изборите и си избра свои. Европскиот суд за човекови права во 2021 пресуди дека составот на судот не ги исполнува условите за суд воспоставен со закон. Откако дојде на власт, Туск судот не го признава.

Годинава Сејмот избра осум нови судии, а Навроцки одби да прими заклетва од петмина. Тие положија без него, а Свјенчковски не ги пушти да судат. Стразбур и Венецијанската комисија се на страната на новите судии. Но начинот на кој влегоа е сосема друга приказна: со офицери на Службата за државна заштита, со полициски кордон и со суспензија потпишана од судијка што сопствениот статус го гради врз вкупен судиски стаж, а не врз стаж во овој суд.

Туск не отстапува. „Во одредени работи не може да има компромис“, рече и додаде дека ниту еден политичар, вклучително и претседателот, нема право да влегува во суд и да им наредува на судиите. Шимон Холовња од партијата „Полска 2050“ гледа поинаку: настаните ѝ носат срам на Полска, а поправањето на судот со сила само ќе го забрза неговиот пад. На консултациите кај претседателот отиде и вицепремиерот Владислав Косињак-Камиш, а партијата на Туск и Левицата не дојдоа. Од десната страна на Сејмот „Конфедерација“ веќе предлага радикален рез: разрешување на сите 15 судии и нов избор со три петтини од пратениците.

Што ќе чуе Балканот

Полска не е некоја периферна демократија. Варшава со години се расправаше со Брисел токму за судството, а Туск дојде на власт со ветување дека ќе го врати владеењето на правото. Сега две страни се повикуваат на уставот и едната влегува со кордон, а другата со рамо. Какво објаснување ќе им дадат европските институции на земјите кандидати, од кои со години бараат независни судови, кога ќе им дојдат со следниот извештај?

Корвин-Пјотровска ги свика судиите на општа седница на 3 ноември. Свјенчковски најави дека ќе се обиде да ја врати контролата. Судот и понатаму е опколен од полиција и демонстранти. Останува прашањето што никој во Варшава не сака да го чуе: кој ќе пресуди чија одлука важи, кога судот што треба да го пресуди тоа е токму она за што се тепаат?