Skip to content

Новиот Кривичен законик замина во Брисел, а граѓаните сè уште не знаат дали функционерите повторно ќе одговараат построго

1 мин. читање
Сподели
Новиот Кривичен законик замина во Брисел, а граѓаните сè уште не знаат дали функционерите повторно ќе одговараат построго

Министерството за правда соопшти дека нацрт-текстот на новиот Кривичен законик и нацртот на новиот Закон за кривичната постапка се испратени на мислење до Европската комисија. Според Министерството, ова е прв целосно нов Кривичен законик по три децении. Голема најава. Само еден детал недостига: никој надвор од работните групи и Брисел засега не знае што пишува во него.

Седум години подготовка

Работата започнала во 2019 година, кога била формирана експертска група за анализа на постојната рамка. Од 2020 до 2026 година работната група предводена од академик Владо Камбовски спровела консултации со судовите, обвинителствата, адвокатурата, академската заедница и граѓанскиот сектор. Предлогот бил објавен на ЕНЕР уште во јули 2022 година, разгледани се повеќе од 50 мислења, а во текстот се вградени 33 директиви на ЕУ.

Паралелно, работна група од 25 членови предводена од проф. д-р Гордана Лажетиќ во октомври 2026 година го завршила новиот ЗКП, усогласен со 25 европски директиви. Најавени се промени кај конфискацијата, финансиските истраги, електронските докази, посебните истражни мерки, заштитата на жртвите и рочиштата на далечина. Сегашниот ЗКП е донесен во ноември 2010 и се применува од 1 јануари 2013 година.

Прашањето што Министерството го прескокна

Во целото соопштение нема ниту збор за она што најмногу ги интересира граѓаните: дали се враќаат високите казни за функционерите. Во септември 2023 година Собранието ги намали казните за дел од облиците на злоупотреба на службената положба и за злосторничко здружување, а ја избриша и посебната одредба за злоупотреби при јавни набавки. Пониските казни ги скратија и роковите за застарување. Знаеме што значи тоа во пракса: предмети што едноставно истекуваат.

Во јануари 2026 година Собранието повторно воведе одредба за јавните набавки во член 353, со затвор од една до осум години, односно од четири до десет кога има корист или штета од големи размери. Но во извештајот од 4 ноември Европската комисија оцени дека тие измени оставиле правна несигурност, дека одредбата е претесна за сериозните манипулации со тендери и дека предметите за висока корупција и понатаму се одолговлекуваат и застаруваат.

Професорката Александра Деановска Трендафилова, членка на работната група, на стручна расправа кон крајот на октомври најави посебно кривично дело за злоупотреби при јавни набавки, кое би ги опфатило и концесиите и јавно-приватните партнерства. Добро. Но најава на расправа не е текст.

Министерството вели дека нацртот ќе биде објавен на ЕНЕР. Дотогаш, законот што треба да одлучи колку ќе одговара еден министер за злоупотреба на функција прво го читаат европските службеници, а дури потоа граѓаните што го плаќаат тој министер. Зошто текстот не беше објавен во моментот кога замина за Брисел?