Skip to content

Смена во АХВ на денот кога стигнаа вакцините за овците: СПМ му благодари на Миланов што ја претставувал партијата

1 мин. читање
Сподели
Смена во АХВ на денот кога стигнаа вакцините за овците: СПМ му благодари на Миланов што ја претставувал партијата

3 ноември, вечер. На скопскиот аеродром, преку Турција, пристигнаа 400.000 дози вакцини против сипаници кај овците и козите – донација од Европската унија, соопшти Агенцијата за храна и ветеринарство. Неколку часа подоцна стигна и втората вест: директорот на АХВ, Оливер Миланов, си поднесе оставка.

Епидемијата на сипаници веќе го десеткува сточниот фонд. Преку 10.000 грла добиток се уништени за болеста да се задржи во најзагрозените источни подрачја, а голем дел од нив биле превентивно усмртени здрави животни. АХВ сега најавува итна вакцинација на целата територија на државата, според План за итна вакцинација одобрен од ЕУ. „Здравјето на животните и заштитата на сточниот фонд остануваат наш врвен приоритет“, порачуваат од Агенцијата.

Смената јавно ја потврди – партија. Социјалистичката партија на Македонија преку социјалните мрежи му се заблагодари на Миланов за раководењето со Агенцијата и истакна дека тој во изминатиот период достоинствено ја претставувал СПМ на чело на институцијата. За да нема сомнеж каде оди, додаде: „Неговиот вложен труд и несебичен ангажман, високо оценети во СПМ и во јавноста, претставуваат негов личен залог за идно извршување на одговорни и високи должности“.

Новиот директор е Јовица Андовски, кој долги години беше заменик-министер за здравство. Партијата го пречека со реченица што вреди да се прочита двапати: „Со својата одговорност, сериозност и посветеност кон Социјалистичката партија на Македонија, Јовица Андовски претставува пример за приврзан и чесен партиски член“.

Значи, агенција што треба да ги чува здравјето на животните и безбедноста на храната, а партијата зборува за неа како за свое претставништво. Во соопштенијата нема ниту збор зошто Миланов заминува токму сега, среде епидемија, ниту што новиот директор планира за вакцинацијата што допрва почнува.

Сточарите што гледаа како нивните стада се уништуваат не прашуваат кој е приврзан партиски член. Прашуваат дали вакцината ќе стигне до нивните штали навреме и кој одговара за илјадниците уништени грла. Кој ќе им одговори на тоа – Миланов, Андовски или партијата што ги праќа?