Skip to content

Гаранција од 1,14 милиони евра за поранешниот директор на Лотарија, а во имотната картичка – шкода и кредит од 10.000 евра

1 мин. читање
Сподели
Гаранција од 1,14 милиони евра за поранешниот директор на Лотарија, а во имотната картичка – шкода и кредит од 10.000 евра

Кривичниот совет при Основниот кривичен суд Скопје прифати гаранција во недвижен имот вреден 1.140.781 евро и поранешниот директор на Државна лотарија, Перпарим Бајрами, ќе излезе од затворот „Скопје“ штом хипотеката ќе се впише во Катастарот. Одлуката е правосилна – обвинителот и другите странки во постапката се откажаа од жалба.

Бајрами е првообвинет во предметот „Лотарија“, за „злоупотреба на службената положба и овластување“, дело за кое е предвидена казна затвор до пет години. Обвинителниот предлог е поднесен на 13 август. Притвор му беше определен затоа што не им бил достапен на органите на прогонот, а на 9 септември сам се јави на издржување на мерката. Законскиот рок за притворот во овој случај е 60 дена и истекува на 8 ноември. Одбраната предлогот за гаранција го поднела уште на 14 октомври.

Покрај гаранцијата, Судот определи и мерки на претпазливост: му се одзема пасошот, не смее да добие нова исправа за преминување на границата и мора редовно да се јавува во Судот. Човекот што не им беше достапен на органите на прогонот, сега ќе мора редовно сам да им се јавува.

Поинтересно е прашањето за парите. Во имотната картичка до Антикорупциската комисија Бајрами пријавил куќа од наследство во Куманово на име на родителите, возило шкода и кредит од 10.000 евра што треба да го враќа до 2031 година. Гаранцијата, пак, е недвижен имот од над милион евра. Чиј е тој имот – негов, на семејството или на некој трет – од судското соопштение не се гледа.

Ова само по себе не докажува ништо. Гаранција може да даде и друг човек, а обвинетиот се смета за невин додека судот не каже поинаку. Но кога поранешен директор на државна компанија со скромна пријавена имотна состојба ќе обезбеди хипотека од над милион евра, природно е да се праша: ќе ја отвори ли Антикорупциската комисија папката, или ќе чека некој друг да ја отвори наместо неа?