Skip to content

Букефал со пет нозе и црква како „Св. Сава“: АИ-билбордот „Добредојде во Скопје“ што градоначалникот гордо го најави, а мрежите го исмеаја

1 мин. читање
Сподели
Букефал со пет нозе и црква како „Св. Сава“: АИ-билбордот „Добредојде во Скопје“ што градоначалникот гордо го најави, а мрежите го исмеаја

Ако сакате да го видите Скопје низ очите на еден алгоритам што никогаш не прошетал низ градот – погледнете го новиот билборд на источниот влез. Коњ Букефал со пет нозе, Камен мост што се протега во недоглед, црква што повеќе личи на белградската „Св. Сава” отколку на било што во Скопје. И сето тоа градоначалникот Орце Ѓорѓиевски гордо го најави преку видео, со зборовите: „Секој детал е важен.”

Навистина, секој детал е важен – особено ако е погрешен. Билбордот што им посакува „Добредојдовте во Скопје” на сите што пристигнуваат од исток предизвика лавина потсмев на социјалните мрежи. Граѓаните веднаш ги изброија грешките: коњот има пет, некои велат и шест нозе. Ѕидините на Калето се извишени како средновековен замок од Франција. На врвот на Водно ја нема телекомуникациската кула. А целата слика носи печат што сите веднаш го препознаа – вештачка интелигенција во раце што не знаат да ракуваат со неа.

Опозицијата, се разбира, скокна. Од Левица беа најостри: „Содржината наликува на халуцинација на алгоритам што добил нејасна наредба да нацрта нешто балканско, старо и монументално. Александар Македонски носи капа како некаков бег. Скопје не ја доби европската културна титула за да биде претставувано како евтина компјутерска мешавина од туѓи храмови, измислени тврдини и мутантирани коњи.”

Од СДСМ додадоа дека ова е „срам за Скопје” и уште една кампања со АИ-генерирани слики наместо вистинско уредување. „Сè е кампања, а резултати нема”, реагираа, потсетувајќи дека токму сега, во летната сезона, бројот на странски посетители е зголемен – и токму сега градот се претставува со визуелен фалсификат.

Настрана политичкото препукување, прашањето што Левица го постави е она што секој даночен обврзник има право да го праша: кој го изработи ова, кој го одобри и колку е платено? Бидејќи билбордот не се појави сам од себе. Некој нарача, некој прифати решение што би паднало и на најповршна проверка, и некој го плати – најверојатно од градскиот буџет.

Скопје се подготвува за една од најзначајните европски културни титули. Наместо тоа, првото што го гледа гостинот од исток е петтоножен коњ и измислена црква. Смешно? Да. Но и симптоматично – за град во кој сликата отсекогаш била поважна од суштината, а фотомонтажата – поевтина од вистинската работа.