Skip to content

Буџетот расте побрзо од економијата, а државата повторно ќе се задолжува

0 мин. читање
Сподели
Буџетот расте побрзо од економијата, а државата повторно ќе се задолжува

Владата најавува ребаланс на Буџетот за 2026 година со кој ќе се зголеми буџетскиот дефицит. Образложението е дека дополнителните средства ќе бидат насочени кон патишта, инфраструктура, проекти за животна средина, ИПА програми и поддршка на општините. Но, зад овие најави се крие едно многу важно прашање – дали Македонија може бесконечно да троши повеќе отколку што создава?

Ако внимателно се разгледа табелата, може да се забележи една многу интересна работа – суштински најбрзо расте задолжувањето.

Само во последните десет години државниот буџет порасна од околу 3 милијарди евра во 2017 година на речиси 6,8 милијарди евра во 2026 година. Тоа е раст од над 126 проценти. Во истиот период, Бруто националниот доход порасна од околу 9,8 милијарди евра на 17,7 милијарди евра, односно околу 81 процент.

Овие бројки покажуваат дека државната потрошувачка расте побрзо од економијата. Уште позагрижувачки е фактот што јавниот долг во истиот период се зголеми од околу 4,7 милијарди евра на повеќе од 10 милијарди евра.

Ребалансот доаѓа во време кога Владата веќе признава дека поради намалувањето на акцизите на горивата буџетот ќе остане покус за повеќе од 24 милиони евра. Иако дел од загубата наводно е надоместена преку зголемена продажба на гориво на странски возила, фактот останува дека приходите се намалуваат, а расходите се зголемуваат.

Клучното прашање не е дали ќе има нови инвестиции. Прашањето е дали тие инвестиции ќе создадат нова вредност што ќе ја врати цената на новото задолжување. Историјата покажува дека Македонија често планира капитални инвестиции, но значителен дел од нив остануваат нереализирани или се одложуваат со години.

Затоа јавноста има право да знае колку точно ќе се зголеми дефицитот, колку нов долг ќе биде преземен и кои конкретни проекти ќе се финансираат со тие средства. Без јасни одговори, секој нов ребаланс останува уште еден чекор кон поголема зависност од задолжување и уште поголем товар за идните генерации.

Државата може да троши повеќе само додека некој е подготвен да ја кредитира. Но, ниту една држава не може бесконечно да живее на сметка на идните приходи.

Затоа кога ќе се тргнат политичките пораки и меѓусебните обвинувања, остануваат бројките. А тие покажуваат дека без разлика која влада била на власт, државата континуирано троши повеќе отколку што создава и разликата ја покрива со нов долг.

Најголемиот раст во табелата не е растот на богатството, не е растот на индустријата, ниту растот на продуктивноста. Највидлив е растот на задолжувањето.

Токму затоа секој нов ребаланс, секој нов дефицит и секое ново задолжување треба да се анализираат внимателно. Бидејќи долговите не ги враќаат владите што ги создаваат, туку граѓаните и генерациите што доаѓаат по нив.