Skip to content

Ѓорѓиевски: булеварот „Борис Трајковски“ ќе биде завршен до крајот на годината, по три децении чекање

1 мин. читање
Сподели
Ѓорѓиевски: булеварот „Борис Трајковски“ ќе биде завршен до крајот на годината, по три децении чекање

Градоначалникот на Скопје Орце Ѓорѓиевски направи увид во градежните работи на булеварот „Борис Трајковски“ и соопшти дека реконструкцијата е пред завршување, по пет месеци работа и пред предвидениот рок. До крајот на годината, според него, скопјани ќе добијат целосно завршен, модерен и безбеден булевар.

„За рекордно време, пред предвидениот рок, ставаме крај на децениската сообраќајна голгота на една од најважните скопски артерии. Дадов збор дека нема да дозволам мојот народ повеќе да живее со лажни ветувања. Денес, делата говорат“, изјави Ѓорѓиевски. Според него, од булеварот кон Драчево корист ќе имаат повеќе од 100.000 граѓани.

Ако тоа се оствари, жителите од тој дел на градот навистина имаат што да слават, бидејќи три децении е долго време за еден булевар. Но во изјавата не се наведува колку чини проектот, кој е изведувачот и кој е официјалниот рок што наводно е надминат. „Пред завршување“ е категорија што Скопје ја знае добро.

Ѓорѓиевски ја дава изјавата ден откако Градот мораше да објаснува зошто е раскинат договорот од 10 милиони евра за Луна-паркот. Булеварот е шанса да покаже дека пораката „Даден збор. Исполнето ветување“ важи и надвор од социјалните мрежи. Крајот на декември ќе покаже дали е така.