Skip to content

Неисправна вода во пет чешми во гевгелиско: на списокот е и водовод, а Општината зборува само за природните извори

1 мин. читање
Сподели
Неисправна вода во пет чешми во гевгелиско: на списокот е и водовод, а Општината зборува само за природните извори

Пет чешми во гевгелиско сега имаат табла наместо вода за пиење. Општина Гевгелија ја забрани водата за пиење откако лабораториските анализи на Центарот за јавно здравје Велес покажале микробиолошки и физичко-хемиски отстапувања од Правилникот за безбедност и квалитет на водата за пиење. На табличките стои кратко: водата не е исправна за пиење.

Забраната ги опфаќа природната чешма „Мурџева“ во Негорци, спомен-чешмата „Катерина“ во Конско, природната чешма покрај патот во Старо Конско, природната минерална чешма во Смрдлива Вода – и водата од водоводот во Смрдлива Вода.

Токму тој последен ред е најважен, а соопштението го заобиколува. Општината смирува дека водата од природните чешми потекнува од природни извори и не е дел од системот преку кој се снабдуваат домаќинствата. Добро. Но на списокот стои и водовод. Дали од тој водовод пијат луѓе дома, колку домаќинства се засегнати и од кога водата не е исправна – за тоа ни збор.

Комуналната служба и инспекторатот за животна средина поставија предупредувања и најавија мерки за отстранување на можните извори на загадување, како и дезинфекција. Тоа е стандардниот редослед: прво табла, па апел, па „ќе се преземат мерки“. Но кога анализата покажува микробиолошки отстапувања во вода од која луѓето пијат, жителите на овие села заслужуваат повеќе од табла на камен – заслужуваат да знаат кога водата повторно ќе биде безбедна и што ја загадило.