Skip to content

ЕУ даде зелено светло за дигиталното евро: што значи тоа за граѓаните

1 мин. читање
Сподели
ЕУ даде зелено светло за дигиталното евро: што значи тоа за граѓаните

Европскиот парламент даде зелено светло за продолжување на преговорите за воведување на дигиталното евро – стабилна дигитална валута со која Европската централна банка сака да го зајакне монетарниот суверенитет на Европа и да им понуди на граѓаните безбедна алтернатива за плаќање. Звучи технички, но зад тоа стои голема геополитичка игра.

Зошто на Европа воопшто ѝ треба дигитално евро? Затоа што денес речиси секое дигитално плаќање во Европа поминува преку американски системи – Visa, Mastercard, Google Pay, Apple Pay. Тоа значи зависност од инфраструктура што не е нејзина. Како што вели еден експерт, кога сите трансакции се одвиваат преку туѓи системи, ЕЦБ има ограничена контрола врз сопствената валута. Дигиталното евро е обид тоа да се промени.

За разлика од криптовалутите, чија вредност скока и паѓа, дигиталното евро би имало гарантирана вредност – едно дигитално евро би вредело точно колку и едно физичко. Тука доаѓа и најделикатното прашање: приватноста. Граѓаните со право стравуваат од надзор, но ЕЦБ ветува плаќања директно од телефон на телефон, со анонимност слична на кешот. Ќе биде ли навистина така – тоа допрва ќе се види, зашто ветувањата за приватност се лесни, а нивното почитување тешко.

Постојат и заштитни механизми. ЕЦБ предлага граѓаните да можат да држат најмногу 3.000 евра во дигитална форма, а вишокот автоматски да оди на банкарска сметка – за да не се предизвика масовно повлекување пари од банките во криза. Роковите се јасни: правна рамка во 2026, пилот-проект во 2027, целосно воведување до 2029 година. За Македонија, која и онака сонува за евро, ова е приказна вредна да се следи – зашто утрешното евро можеби нема да биде само во џеб, туку и во телефон.