Skip to content

МВР уште не знае како Ива Михаилова ја напуштила државата, а Бугарија официјално не ја бара

1 мин. читање
Сподели
МВР уште не знае како Ива Михаилова ја напуштила државата, а Бугарија официјално не ја бара

Ива Михаилова е обвинета за сообраќајна несреќа во која загина еден човек, а тројца беа повредени. Судот во Кочани ѝ одреди 30-дневен притвор, МВР распиша централна и меѓународна потерница, а двата нејзини пасоша – македонскиот и бугарскиот – беа одземени уште порано, токму за да не може да ја напушти државата. Таа сепак ја напушти. И денес никој во македонските институции не може да каже како.

МВР сè уште утврдува дали Михаилова воопшто излегла преку легален граничен премин. Според Министерството, не е евидентиран нејзин легален излез од Македонија, ниту легален влез во Бугарија – а истото важи и за адвокатот Николај Димитров, кој тврдеше дека ја придружувал. Самата Михаилова за бугарската БТВ изјави дека заминала поради влошена здравствена состојба, „со своите документи за лична идентификација“. Случајот го проверува Одделот за внатрешна контрола.

Софија одговори со Уставот. Бугарското МВР соопшти дека на 13 октомври во 19:38 часот добило порака од Интерпол-Скопје со барање за потрага, апсење и екстрадиција. Но, како што наведуваат, црвена потерница на Интерпол засега нема, а бугарските власти не презеле никакви чекори да ја лоцираат на својата територија. Потоа го цитираат членот 25 од бугарскиот Устав, според кој бугарски државјанин се екстрадира само ако тоа го предвидува ратификуван меѓународен договор, како и Европската конвенција за екстрадиција, која дозволува држава да одбие да изручи свој државјанин.

Министерството за правда, пак, чека официјално известување од МВР дека Михаилова е лоцирана или уапсена, за воопшто да може да почне постапка за екстрадиција. Значи, кругот е затворен: Скопје чека Софија да ја најде, Софија вели дека не ја бара.

Министерот за здравство Сашо Клековски тврди дека бегството се случило токму пред да пристигне бугарскиот лекарски конзилиум, кој, според него, брзо ќе покажел дека нема медицински причини за лекување во странство. Министерот за внатрешни работи, пак, најави дека „можеби треба да се размисли“ за промени во мерките на претпазливост за лица со двојно државјанство – покрај пасошите, да им се одземаат и личните карти.

Политичката сцена, очекувано, се претвори во натпревар по префрлање вина. ВМРО-ДПМНЕ прашува дали Филипче и Заев им ветиле на соработници на Румен Радев медицински извештај за лекување во Бугарија. СДСМ возвраќа дека „границата е швајцарско сирење“ и потсетува дека МВР го води Панче Тошковски, а Владата Христијан Мицкоски.

Партискиот пинг-понг не одговара на основното прашање. Ако лице со одземени пасоши и со судска постапка може да ја премине границата без трага во евиденцијата, кој друг уште може? И кој ќе му одговори на семејството на загинатиот?