Skip to content

Лавров бара одговор од Вашингтон, но линијата на фронтот ја прогласи за недопирлива

1 мин. читање
Сподели
Лавров бара одговор од Вашингтон, но линијата на фронтот ја прогласи за недопирлива

Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров изјави дека Москва смета оти Соединетите Држави се длабоко вмешани во украинските напади врз руска територија. Не како снабдувач на оружје – тоа одамна никој не го крие – туку како учесник во подготовката и изведбата.

„Поставивме серија прашања до Стејт департментот, вклучително и за разузнавачките податоци и за фактот дека САД се силно вклучени во подготовката и изведувањето напади врз цивилни цели длабоко во руска територија. Чекаме одговор”, изјави Лавров за руската државна телевизија.

Обвинение спакувано како прашање

Формата тука значи сè. Ова не е нота, не е ултиматум, не е протест – тоа е „серија прашања” и едно „чекаме”. Дипломатски најмеката можна амбалажа за најтешкото можно обвинување: дека една нуклеарна сила директно учествува во напади врз друга. Кога некој вака внимателно ја бира формата, тоа обично значи дека одговорот не му е ни толку важен.

Лавров истовремено нагласи дека Русија не поставува ултиматуми кон Вашингтон за прекин на поддршката за Киев како предуслов за преговори. Претседателот Владимир Путин, според него, останува подготвен да ги прими американските преговарачи Стивен Виткоф и Џаред Кушнер – иако веднаш додаде и прашање што всушност би донеле тие.

Тука е тврдото јадро на целата приказна. Лавров рече дека запирање на конфликтот по сегашната линија на раздвојување меѓу руските и украинските сили не доаѓа предвид, повикувајќи се на историска одговорност и на жртвите од терористичките напади. Односно: секој предлог кој почнува со „замрзнете каде што сте” е мртов уште пред да биде изговорен.

Значи, вратата е отворена за преговарачи, а единственото нешто за кое реално се преговара – линијата – е прогласено за недопирливо. Колку пати го видовме тоа на овој континент? Разговорот се води за да постои разговор, а не за да заврши нешто.