Skip to content

Louis Vuitton ја затвори Неделата на модата во Париз со одговор на жештината: палта од свилен шифон и фустани што едвај го допираат телото

1 мин. читање
Сподели
Louis Vuitton ја затвори Неделата на модата во Париз со одговор на жештината: палта од свилен шифон и фустани што едвај го допираат телото

Парискиот месец на модата заврши, уште еднаш, во монументалниот двор Кур Каре на Лувр, со последниот збор на Louis Vuitton. Никола Гескиер ја претстави колекцијата за пролет-лето 2027 под наслов „Ergonomie“, а контрастот беше типично негов – класичната архитектура на Лувр наспроти сценографија од иднина што сè уште не стигнала.

Зад ретрофутуристичката естетика, сепак, немаше бегство од реалноста. Напротив. Гескиер зборуваше за сегашноста, поточно за тоа како се менува нашиот однос кон облеката кога температурите постојано растат. Токму таа беше главната нишка на целата колекција.

Дизајнерот кој во Louis Vuitton со години градеше идентитет на структурирани, речиси архитектонски парчиња, оваа сезона им ја одзеде тежината. Силуетите беа завиткани во ултралесни ткаенини, проѕирни слоеви, газа и свила, материјали што се движат со телото наместо да му се наметнуваат. Новата жена на Vuitton е облечена да помине низ градот меѓу жештината и градскиот хаос: бели полупроѕирни фустани, отворени плетива, лелеави здолништа и јакни што едвај го допираат телото.

Лесно не значи и едноставно. Гескиер ги пренесе кодовите на кројачкиот занает и на формалната облека во речиси етерични материјали: палтата и јакните беа скроени од свилен шифон, долгите фустани добија лебдечки шлепови, а шамиите престанаа да бидат додаток и станаа вистински парчиња облека.

И палетата го следеше чувството на леснотија. Бела, сива, пастелно розова и сина стоеја покрај потемни тонови, а преливните детали го носеа футуристичкиот акцент. Некои фустани и здолништа беа посипани со геометриски мотиви што ја одбиваа светлината на секој чекор, како мали парчиња кристал во движење.

Идејата е точна и навремена: секој што поминал јулско попладне во преполн градски автобус знае дека облеката може да биде прашање на преживување, не само на стил. Само што одговорот на Louis Vuitton ќе виси во бутици чии цени никој не ги мери со просечна плата. Модата конечно ја забележа жештината. Дали ќе ја забележи и цената што ја плаќаат оние што ја трпат без клима?