Skip to content

Некој ги пресекол гумите на возилата на социјалното во Тетово токму пред проверките, а камерите – без струја

0 мин. читање
Сподели
Некој ги пресекол гумите на возилата на социјалното во Тетово токму пред проверките, а камерите – без струја

Службениците на Центарот за социјални работи Тетово во вторникот наутро требаше да тргнат од адреса до адреса и да проверат кој и како прима социјална пензија. Наредбата ја издала директорката Магдалена Веселиноска, во согласност со препораките на министерот за социјална политика. Возилата не тргнаа никаде – непознат сторител им ги пресекол гумите.

Настанот е пријавен во СВР Тетово во 8:15 часот. Кога полицијата ги проверила снимките од камерите, се покажало дека токму во тој период во објектот немало струја, па не може да се види кој ги оштетил возилата.

4.500 лажни корисници – и една наредба за терен

Тајмингот сам по себе поставува прашања. Премиерот Христијан Мицкоски деновиве соопшти дека се откриени над 4.500 корисници на гарантирана минимална помош и социјална сигурност што ги земале парите без да ги исполнуваат условите – меѓу нив починати лица, иселени граѓани и фиктивни корисници. „Значи не 45, не 450, туку 4.500“, порача тој. Министерот Ѓоко Велковски, пак, кажа дека исплатите се прекинати кај повеќе од три илјади корисници поради утврдени злоупотреби и дека акцијата влегува во завршна фаза.

Пресечена гума не е голема материјална штета. Но пораката е јасна за секој службеник што треба да тропне на врата и да провери дали корисникот воопшто постои. Ако некој е подготвен да ги сече гумите уште на паркингот, што ќе следува кога проверките ќе стигнат до конкретни имиња и конкретни пари?

И едно прашање за кое не е потребна истрага: како институција што распределува државни пари останува без струја за камерите токму во утрото кога тие најмногу требаше да снимаат?