Skip to content

Милион евра аванс за евакуациски летови, без банкарска гаранција: итноста не е дозвола за исфрлање на правилата

1 мин. читање
Сподели
Милион евра аванс за евакуациски летови, без банкарска гаранција: итноста не е дозвола за исфрлање на правилата

Кога државата евакуира свои граѓани од воена зона, никој не очекува да се ситничари. Но начинот на кој се платени евакуациските летови од Блискиот Исток отвора прашања што немаат врска со хуманоста, а сè со јавните пари. Министерството за надворешни работи платило цел милион евра однапред – 100 проценти аванс, наместо законски дозволените 20.

Според наодите на Центарот за граѓански комуникации, авансот не бил обезбеден ниту со банкарска гаранција. Тоа значи дека, како што забележуваат, договорниот орган „практично останува без никаква заштита ако изведувачот доцни, делумно испорача или воопшто не испорача”. На јазикот на обичниот човек: ако нешто тргнело наопаку, тој милион едноставно немало кој да го врати.

Уште поинтересна е постапката. Тендерот започнал на 4 март, единствената понуда ја дала фирмата „Авиалог” од Скопје на 6 март – и истиот ден биле завршени преговорите, потпишан договорот и извршено плаќањето. Понудата од 975.610 евра речиси совршено се поклопила со проценетата вредност, со отстапување од само 0,33 проценти. Економските оператори имале помалку од 24 часа да подготват понуда за работа вредна милион евра.

И детал што останува за крај: четирите летови превезле 42 странски државјани, иако договорот предвидувал македонски граѓани. Никој не спори дека луѓето требало да се извлечат од опасност – тоа е должност на државата. Но итноста не е дозвола за исфрлање на сите правила преку прозорец. Бидејќи следниот пат кога ќе се рече „немавме време за процедури”, вреди да се запраша – време за процедури, или време за проверка кому одат парите?