Skip to content

Украина го бара за велепредавство, Србија му даде државјанство: олигархот Новински е најновиот бегалец кој го најде Белград

1 мин. читање
Сподели
Украина го бара за велепредавство, Србија му даде државјанство: олигархот Новински е најновиот бегалец кој го најде Белград

Украинскиот милијардер Вадим Новински (63) доби српско државјанство. Одлуката е објавена во „Службен гласник“ на Србија. Киев го бара поради сомнежи за соработка со Русија и за велепредавство, но потерницата очигледно не му пречи многу – Новински главно слободно се движи.

Роден е во 1963 година во Русија, етнички е Рус, а украинско државјанство има од 2012 година. Богатството, проценето на 1,2 до 1,4 милијарди долари, го стекнал во Украина. Во 2019 година влезе во украинскиот парламент како пратеник на проруската Опозициска платформа – За живот, партија забранета по почетокот на инвазијата. Беше и истакнат член на Украинската православна црква, за која Киев смета дека одржува врски со Руската православна црква и дејствува во интерес на Москва.

По руската инвазија во 2022 година, Советот за национална безбедност и одбрана на Украина воведе санкции против неговата фирма „Балаклавское РУ“, која вади варовник и гипс. Во јануари 2023 година Државното истражно биро отвори истрага за субверзивно дејствување, тероризам и велепредавство. Истата година државата му заплени имот вреден повеќе од 10 милијарди гривни, околу 228 милиони долари.

Србија не е првата адреса во регионот. Во април се дозна дека купил имот во Самобор, кај Загреб, за 10 милиони евра, и таму пријавил престојувалиште. Бидејќи во Хрватска очигледно не му успеале плановите, побарал државјанство од Србија, каде што тоа веќе станува пракса за одредени богати бегалци.

Списокот е подолг. Пред Новински во Србија стигна Андриј Наумов, поранешен висок функционер на украинската разузнавачка служба, кој ја напушти Украина непосредно пред инвазијата. Во Србија беше уапсен со голема сума пари и накит и осуден на една година затвор за перење пари – но по издржаната казна не беше екстрадиран во Украина, туку му беше дозволено да ја напушти земјата.

Во Белград се криел и јужнокорејскиот „крал на криптовалутите“ До Квон, во елитна белградска населба, со план да отвори фирма. Беше уапсен на аеродромот во Подгорица, екстрадиран во САД и осуден на 15 години затвор за измама.

Белград официјално чекори кон ЕУ, а во исто време им нуди пасош на луѓе што ги бара Украина – држава за која истата таа ЕУ се бори. Колку уште вакви одлуки ќе поминат тивко низ „Службен гласник“ пред некој во Брисел да праша зошто?