Skip to content

Над 1,5 милион евра на сметките на судијата Ристов и неговите родители, вештакот не му го најде потеклото

1 мин. читање
Сподели
Над 1,5 милион евра на сметките на судијата Ристов и неговите родители, вештакот не му го најде потеклото

На денешното рочиште за апелациониот судија Ѓоко Ристов фокусот беше на сметките. Бројките што ги изнесе обвинителството ја опишуваат состојбата поточно од која било изјава.

На сметките на Ристов во пет банки имало околу 25 милиони денари. На сметките на неговата сопруга Симона – околу 11 милиони денари. Заедно, тоа е околу 600.000 евра. На сметките на неговата мајка, Донка Ристова, обвинителството нашло уште околу 975.000 евра.

Вкупно над 1,5 милион евра во едно семејство.

Плата што расте, состојба што расте побрзо

Овластен судски вештак ги анализирал даночните пријави, банкарските трансакции и имотот на Ристов и неговата сопруга во периодот од 2016 до 2024 година. Според изнесеното на рочиштето, платата на Ристов пораснала од околу 60.000 денари во 2016 на 120.000 денари во 2024. Приходите на неговата сопруга пораснале од 17.000 денари во 2017 на 90.000 во 2024.

Вештакот Ѕвонко Кочовски потврди дека не може да го утврди потеклото на средствата на судијата и на членовите на неговото семејство.

Обвинителството претходно посочи дека пријавените приходи не оправдуваат 350.000 евра пронајдени во дупка зад кујнски плочки во семејната куќа на Ристов во Неготино. За тие пари, според обвинението, постојат ДНК и отпечатоци што го поврзуваат судијата со скриената готовина.

Именикот

Обвинителката Искра Хаџи-Василева на рочиштето ги презентираше контактите од телефонот на судијата од периодот 2023-2025 година. Меѓу имињата се Вице Заев, Бојан Јовановски – Боки, Ана Камчева, Љупчо Пецов – Ѓаволот, Фросина Ременски, Пуцко, Зоран Азманов и Енвер Беџети.

Тоа е список кој ги покрива речиси сите поголеми случаи што минале низ македонското правосудство во последната деценија. Именикот сам по себе не е доказ за ништо – но е доказ за каква мрежа се отвора кога еден апелационен судија ќе го предаде телефонот.

Одбраната

Адвокатот Звонко Давидовиќ во вкрстеното испрашување тврдеше дека според неговите пресметки „само“ околу 570.000 евра остануваат како износ чиешто потекло треба дополнително да се објасни. Одбраната најави дека на наредните рочишта ќе презентира сопствено вештачење.

Давидовиќ истакна и дека Ристов не суди сам во Апелациониот суд, туку како дел од тричлен судски совет.

Тоа е одбрана што вреди да се задржи. Точна е – апелационен судија навистина не одлучува сам. Но истата логика значи дека ако еден член на советот е компромитиран, компромитирани се и одлуките на тој совет. Аргументот што треба да го оправда судијата, всушност го проширува проблемот на институцијата.

Ристов се товари за неоправдано стекнување и прикривање имот и за перење пари. Постапката продолжува.