Skip to content

Границата на 21 век не разликува две близначки: Новиот биометриски систем на ЕУ веќе прави грешки

1 мин. читање
Сподели
Границата на 21 век не разликува две близначки: Новиот биометриски систем на ЕУ веќе прави грешки

Требаше да биде границата на 21 век – паметна, биометриска, безгрешна. Наместо печат во пасошот, отпечаток од прст и скен на лицето. Наместо ред, брзина. Новиот систем за влез и излез на Европската Унија, познат како EES, стартуваше на 10 април по цели четири години одложувања. Резултатот засега: долги колони, технички падови и една приказна што звучи како научна фантастика, а се случи навистина.

Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен веќе призна дека системот бара „дополнителна работа”. Но колку „дополнителна”, најдобро покажува случајот на една новинарка од Британија. При враќање преку аеродромот во Клуж, романската гранична полиција ја запре и ја обвини дека нелегално останала во шенгенската зона. Според нивните податоци, таа во април излегла од Амстердам, а тој излез не бил уредно евидентиран.

Само еден проблем: жената никогаш не била во Амстердам. Таму била нејзината еднојајчна близначка.

Кога машината гледа само лице

Службениците ги измешале двете сестри врз основа на истите црти на лицето, истото презиме, истиот датум на раѓање и истото државјанство. И покрај тоа што близначките имаат различни отпечатоци од прсти, различни први имиња и одделни пасоши, романските власти во почетокот ја обвинија дека ѝ го позајмила документот на сестра си. Другата близначка во тоа време била во Британија и никогаш не стапнала во Романија. Новинарката беше пуштена дури по петнаесетина минути испрашување.

Ниови Вавула, истражувачка за сајбер-безбедносна политика на Универзитетот во Луксембург што ги советувала законодавците за техничките аспекти на EES, објасни дека збунувањето произлегло од две грешки истовремено – погрешно евидентиран излез во Амстердам и недоволна романска проверка. „Службите не биле соодветно обучени да ги разликуваат различните постапки и се потпирале само на сликата на лицето”, рече таа. Никој не проверил во пасошот, никој не помислил дека системот е нов и полн со технички проблеми. А тој спорен излез во Амстердам бил регистриран на 12 април – само два дена откако системот воопшто профункционира.

Европската комисија одби да коментира за конкретниот случај, велејќи дека земјите-членки самостојно управуваат со податоците од EES. Со други зборови: системот е европски, но кога ќе згреши, никој од Брисел не е виновен. Патникот што ќе се најде на погрешната страна на алгоритмот сам нека си бара правда кај националните власти.

Приказната е смешна само додека не се случи вам. Милиони луѓе од регионот – оние што со децении патуваат кон Европа за работа, за семејство, за одмор – утре ќе минуваат низ истите тие порти. И ако машината не умее да ги разликува две сестри со различни отпечатоци, колкава е довербата дека нема да згреши со некој од нас?