Skip to content

Путин повеќе не зборува за отстапки, туку за тампон-зони: Границите повторно ги црта артилеријата, не мастилото

1 мин. читање
Сподели
Путин повеќе не зборува за отстапки, туку за тампон-зони: Границите повторно ги црта артилеријата, не мастилото

Москва повеќе не зборува за отстапки. Наместо тоа, зборува за тампон-зони – што на дипломатски јазик значи територии што нема намера да ги врати. Според извори блиски до Кремљ, Русија планира трајно да задржи делови од Сумската и Харковската област како „заштитен појас”, а за преговори ќе седне дури откако целосно ќе ја контролира Донецката област.

Поместувањето е јасно. Ако до неодамна имаше сигнали дека Русија би можела да размисли за територијални отстапки во замена за мир, тие сигнали згаснаа. Причината, се тврди, се острите пораки од Вашингтон и распаднатите неформални договори од самитот на Аљаска меѓу Путин и Трамп од август минатата година.

Спорот околу тоа што всушност се договорило во Аљаска сè уште трае. Државниот секретар Рубио на 25 јуни изјави дека „имаше предлози, но немаше договор”. Рускиот министер за надворешни работи Лавров возврати дека договор за предлозите е де факто договор. Кога двете страни не можат да се сложат ни за тоа што се случило на еден состанок, тешко е да се очекува договор за судбината на цели области.

А оваа судбина е крвава конкретна. Русија бара Украина да ја отстапи целата Донецка област – вклучувајќи ги и териториите што руската војска не ги освоила од 2014 година наваму. Со други зборови, се бара предавање на земја што не е ни заземена на теренот. Еден извор од Министерството за одбрана проценува дека целосна контрола над Донецк би била можна до крајот на 2026-та; друг вели дека 2027 е поверодостојна.

Во меѓувреме војната не чека дипломатија. Украина изведе напади длабоко во руска територија, вклучувајќи удари врз Москва и рафинерии. Преговорите стојат замрзнати уште од февруари. Секој месец што поминува е месец во кој линијата на фронтот, а не преговарачката маса, ги црта границите.

За Балканот, кој ги памети своите граници исцртани со војна и преговори што траеле децении, оваа сцена не е туѓа. Кога територијата се менува со артилерија, а не со мастило, договорите потпишани подоцна само го легализираат она што веќе го одлучиле топовите. Дали Европа навистина мисли дека таквиот преседан ќе остане далеку од неа?