Skip to content

Приведена жената што наплаќаше влез во „Камени кукли“: заштитен споменик на природата 19 години чека суд да каже чиј е

1 мин. читање
Сподели
Приведена жената што наплаќаше влез во „Камени кукли“: заштитен споменик на природата 19 години чека суд да каже чиј е

Локалитетот „Куклица“ кај кратовското село е споменик на природата од 2008 година. Значи, деветнаесет години државата има законска обврска да го заштитува, одржува и управува. Наместо тоа, во недела во 19:30 часот полициски службеници од ОВР Кратово лишиле од слобода 41-годишна С.Д. од Кратово, по пријава дека околу час и половина претходно физички нападнала повеќе лица кои го посетувале локалитетот.

По наредба на јавен обвинител жената е приведена во станица и против неа ќе биде поднесена пријава. Не е првиот пат. Само неколку недели претходно полицијата информираше дека жена со иницијали С.Д.Б. била затекната кај Куклица и покрај судска мерка со која ѝ било забрането да го посетува локалитетот. Полицијата сè уште нема официјално соопштено дали станува збор за истото лице.

Како еден природен споменик стана приватна наплатна рампа

На почетокот на јуни Општина Кратово соопшти дека подолг временски период е спречена да управува со локалитетот, кој, како што наведоа, бесправно е узурпиран и држен во владение од Здружението „Извор“ – Кратово, чии одговорни лица се Милош Димитровски и неговата ќерка Стојна Димитровска Боотх. Општината добила пресуда во првостепена граѓанска постапка со која Здружението и лицата поврзани со него треба да го предадат просторот на општинската музејска установа и да ги отстранат поставените предмети.

Пресудата е обжалена. Значи, не е правосилна. Значи, за прашањето кој командува со еден заштитен природен споменик во Македонија, се чека суд.

А во меѓувреме? Во меѓувреме тука со месеци се пријавуваат попречување на пристапот, неовластено наплаќање и агресивно однесување кон домашни и странски посетители. Наводите доаѓаат и од Општината и од самите посетители. Резултатот е дека човек кој доаѓа да види едно од најпознатите природни чуда во земјата може да заврши како учесник во полициска пријава.

Кој ја плаќа сметката за туристичкиот имиџ

Куклица е точката што ја ставаат во секој туристички водич за Македонија. Каменските фигури се на сите промотивни фотографии. А реалноста на терен е меѓусебни обвинувања, судски спорови, полициски интервенции и инциденти со посетители – наместо среден простор со јасни правила, каса и работно време.

Општината чека правосилна пресуда. Тоа е формално точно и правно неспорно. Но заштитата на споменик на природата не е граѓански спор меѓу две страни со еднакви права – тоа е државна обврска. Ако едно здружение може деветнаесет години подоцна сè уште да го држи во владение, тогаш прашањето не е кој ќе го добие спорот. Прашањето е зошто спорот воопшто траел толку.