Skip to content

Австријците ја сакаат и УНИ Банка: понуда за 100 отсто од акциите по 126,38 евра за акција

1 мин. читање
Сподели
Австријците ја сакаат и УНИ Банка: понуда за 100 отсто од акциите по 126,38 евра за акција

Австриската банкарска групација Steiermärkische Bank und Sparkassen AG – матичната куќа на Шпаркасе Банка Македонија – поднесе официјално известување за намера да даде понуда за преземање на сите обични акции на УНИ Банка АД Скопје. Сто отсто од акционерскиот капитал и гласачките права.

Цената е 126,3766353 евра по акција, во денарска противвредност. Известувањето е објавено на Македонската берза.

Ова не е прв пат. Истата групација претходно ја аквирираше и припои Охридска банка. Значи, годинава Австријците се подготвуваат да ја проголтаат и втората македонска банка во рок од неколку години.

Кој одобрува што

Понудата не е завршена работа. Освен согласностите од домашните тела, потребни се и странски одобренија: одобрување на концентрацијата од црногорското и од српското тело за заштита на конкуренцијата, како и одлука за одобрување од Европската централна банка.

Дури откако ќе стигнат тие, преземачот ќе поднесе барање до Комисијата за хартии од вредност. Ако кое било од странските одобренија не биде добиено, намерата се смета за повлечена. Истото важи ако одобрението не пристигне во рок од 12 месеци од објавувањето на намерата.

Вреди да се забележи кој сè решава за иднината на една македонска банка: регулатор во Подгорица, регулатор во Белград и Европската централна банка во Франкфурт. Домашната Комисија за хартии од вредност чека да ѝ дојде редот.

Што значи окрупнувањето

Со спојувањето на билансите и мрежите на Шпаркасе и УНИ Банка се формира банка која се приближува до водечката тројка на пазарот – Комерцијална, НЛБ и Стопанска. Во пракса тоа значи повеќе филијали, поголема мрежа на банкомати и посилна капитална основа за финансирање големи корпоративни и инфраструктурни проекти.

Тоа е верзијата од соопштението, и таа не е невистинита. Само што е половина.

Другата половина е дека пазарот со секое такво спојување има еден играч помалку. Кога четири-пет банки држат сè, конкуренцијата за каматните стапки, за провизиите и за условите на кредитите не станува поостра – станува поудобна за банките. Македонскиот банкарски сектор и досега не беше познат по тоа што се бори за клиентот со подобри услови.

Следниот чекор се регулаторните одобренија. Дотогаш нема ништо правосилно. Но ако поминат, прашањето за граѓанинот што плаќа рата нема да биде колку акции купиле Австријците – туку колку банки му останале за да ги спореди.