Skip to content

Маврово две децении без нов закон: странци ловат дивокози на Јутјуб, мрежи во езерото, а Министерството нуди „јавна расправа“

1 мин. читање
Сподели
Маврово две децении без нов закон: странци ловат дивокози на Јутјуб, мрежи во езерото, а Министерството нуди „јавна расправа“

Видео на Јутјуб со наслов „Лов на дивокози од светска класа во планините на С. Македонија“. Странски ловци, балканска дивокоза во нишан, канал „Ловечките авантури на Педро Ампуеро“. Во истите денови ренџерите на паркот вадат незаконски поставени риболовни мрежи од Мавровското Езеро и го пријавуваат случајот во полициската станица во Маврови Анови. Две вести една по друга од најголемото заштитено подрачје во државата – и двете се само симптом.

Директорот на паркот Харис Ибраими објаснува дека не станува збор за комерцијален лов, туку за санитарен отстрел со согласности од надлежните институции, под надзор на паркот и како дел од програма за следење на здравјето на животните. Можеби. Но прашањето што го отвора снимката не е дали има печат, туку врз основа на кој план, која зона и кои научни податоци се одобрува отстрел во парк што нема ниту еден важечки современ документ за управување.

Граници од 1952, зонирање од 1988

Маврово е прогласен за национален парк на 19 април 1949 година. Со измените од 1952 површината е зголемена од 11.750 на 73.088 хектари, а внатре влегле 37 населени места. Тие граници важат и денес. Зонирањето, според податоците на самиот парк, е изработено во рамките на Просторниот план од 1988 година. Паркот, значи, се управува со карта постара од државата.

Во 2004 година Македонија донесе нов Закон за заштита на природата. Членот 187 даде рок од шест години за ревалоризација на старите заштитени подрачја и нови акти за прогласување. Рокот истече во 2010. Пелистер и Галичица ја завршија постапката. Маврово не: нема нов закон, нема План за управување, нема Просторен план. Членот 184 вели дека старата заштита продолжува да важи, па паркот формално не е избришан од картата. Но „формално заштитен“ и „заштитен“ не се исто нешто.

Студија, предлог-закон, повлекување без образложение

Студијата за ревалоризација е изработувана од 2011 до 2013 година. Во февруари 2015 предлог-законот за повторно прогласување е објавен на ЕНЕР – и потоа повлечен без јавно образложение, наведуваат од „Еко-свест“. Во 2021 институциите јавно си ја префрлале одговорноста: Владата тврдела дека паркот не доставил усогласено зонирање, паркот тврдел дека предлогот бил готов уште во 2012, но Министерството не го прифатило. Единаесет години еден документ шета меѓу две адреси.

Во меѓувреме, екологистите бројат последици: комерцијална сеча, лов, мали хидроцентрали, нелегална урбанизација. Најконкретен пример е малата хидроцентрала „Рибничка“. Инвеститорот доставил барање за расчистување на трасата. Директорот вели дека ниту едно дрво не е исечено ниту маркирано и дека паркот сè уште не побарал согласност од Министерството за земјоделство. Но инвеститорот уште пред три години уплатил околу седум милиони денари компензација за сечата. Пари за сеча, уплатени пред воопшто да биде дефинирана заштитата – тоа е правниот вакуум во една реченица. Бернската конвенција уште во 2025 препорача стопирање на хидроцентралите во паркот и итно завршување на репрогласувањето.

Пет барања и еден одговор

„Еко-свест“ и уште 21 организација упатија пет барања до Владата и институциите: итно да почне и да заврши репрогласувањето, предлог-законот да оди на јавна расправа, зонирањето да се усогласи со научните наоди, мораториум на штетните проекти и спроведување на препораките од Берн.

Одговорот од Министерството за животна средина: постапката „треба да биде завршена“, а Министерството „е отворено за организација на јавна расправа на барање на граѓанските организации“. Организациите токму тоа го побараа, писмено, на 9 септември. Министерството одговара дека е отворено за нешто што веќе е побарано. Толку за итноста.

Маврово нема потреба од уште една студија. Има студија, има предлог-закон од 2015, има препорака од Бернската конвенција, има 22 здруженија со конкретни барања на маса. Она што недостига е потпис. Кој ќе го стави – и во кој мандат?