Skip to content

Евтиното гориво ќе ја чини касата 6-7 милијарди денари: Мицкоски најавува можен втор ребаланс годинава

1 мин. читање
Сподели
Евтиното гориво ќе ја чини касата 6-7 милијарди денари: Мицкоски најавува можен втор ребаланс годинава

Премиерот Христијан Мицкоски најави дека до крајот на годината е можен уште еден ребаланс на Буџетот, по оној донесен во јули. Причината се намалените акцизи и ДДВ на горивата, со кои Владата ги амортизира поскапувањата на нафтените деривати. Само по основ на акцизи, како што рече, во касата ќе влезат околу пет милијарди денари помалку, а поради намалениот ДДВ уште околу една милијарда. Вкупно 6 до 7 милијарди денари, односно меѓу 97 и 113 милиони евра.

„Очекуваме до крајот на годината да бидеме пократки 6-7 милијарди денари во однос на тоа што сме го планирале и затоа е можно да се случи да имаме уште еден ребаланс до крајот на годината“, изјави Мицкоски по пуштањето во употреба на реновираниот студентски дом „Стив Наумов“ во Скопје. Тоа го нарече огромна жртва за буџет како нашиот, но порача дека приоритет е да се задржи стандардот на граѓаните и, како што тврди, најниската цена на горивата во Европа.

Ребалансот од јули ги ревидираше вкупните приходи на 379,5 милијарди денари, а расходите на 425,8 милијарди. Дефицитот е проектиран на 46,3 милијарди денари, или 4,1 отсто од БДП. Според најновите податоци за реализацијата, досега се потрошени околу 4,9 милијарди евра, над 70 отсто од годишниот план за расходи, а приходите се околу 4,2 милијарди евра, или околу 68 отсто од планираното.

Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска не исклучува нов ребаланс и вели дека тоа не е невообичаено – во 2022 година имало два. Таа тврди дека и со нов ребаланс дефицитот ќе остане во проектираните 4,1 отсто од БДП. Ако приходите паднат, а дефицитот остане ист, математиката е едноставна: нешто мора да се скрати. Ребалансот од јули обезбеди дополнителни средства за капитални инвестиции, локален развој, земјоделство и социјална заштита. Кое од тоа прво ќе го почувствува новото кроење?

Инфлацијата, според премиерот, е под контрола: 2,3 отсто во јули, 2,6 во август, под европскиот просек. Евтиното гориво помага таа слика да изгледа мирно. Но субвенционираната цена не е бесплатна цена – таа само се плаќа на друго место, преку буџетот, додека цената на нафтата на светските берзи, која се движи над 100 долари за барел, не зависи од Скопје. Колку ребаланси може да издржи политиката „најевтино во Европа“ ако барелот не падне?