Skip to content

Путин: Бевме подготвени за преговори, но Украинците нападнаа – зборува човекот што ја нареди инвазијата

1 мин. читање
Сподели
Путин: Бевме подготвени за преговори, но Украинците нападнаа – зборува човекот што ја нареди инвазијата

Рускиот претседател Владимир Путин изјави дека Украина со напади со дронови за време на изборите за руската Државна дума ги отежнала мировните преговори. Москва, според него, била подготвена да ги продолжи разговорите на 21 септември, ден по изборите. Изјавата ја даде на средбата на клубот „Валдај“ во Москва, пред меѓународна публика – сцената на која Кремљ редовно ја објаснува својата верзија на светот.

Бројката со која излезе е повеќе од 1.600. Толку напади со дронови, тврди Путин, имало врз Москва, а нападнати биле и избирачки места во други делови на Русија. Украина, според него, очекувала дека нападите ќе предизвикаат распад на руското општество, но таа проценка се покажала погрешна. Русија и понатаму била подготвена да почне преговори и да ги заврши што побрзо – но под услови „прифатливи и за Русија и за рускиот народ“.

Токму во таа реченица е сè. „Прифатливите услови“ на Кремљ не се апстракција, туку конкретен список. Москва бара целосно повлекување на украинските сили од четирите региони што еднострано ги прогласи за руска територија – Донецк, Луганск, Запорожје и Херсон – иако руската армија во ниту една фаза од војната не ги контролирала целосно. Бара и Киев официјално да се откаже од членство во НАТО. Украинските власти и западните сојузници тоа го гледаат како она што е: барање за капитулација.

Путин ја нареди целосната инвазија на Украина на 24 февруари 2022 година. Оттогаш Москва систематски ја отфрла секоја меѓународна мировна иницијатива што не тргнува од нејзините максималистички барања. Затоа реченицата „ние сакавме преговори, а тие нè нападнаа“, изговорена од човекот што ги испрати тенковите кон Киев, бара посебна доза самодоверба.

Изговорот со дроновите не е нов жанр. Новото е само публиката: меѓународни гости на Валдај, кои треба да заминат со впечаток дека вратата за разговори е отворена, а Украина ја затвора.

Балканот добро ја знае оваа реторика – кој прв пукал, кој бил испровоциран, кој „само се бранел“. Ги слушавме истите реченици во деведесеттите, од луѓе што исто така тврдеа дека сакаат мир. Дали Путин сака преговори е погрешно поставено прашање. Поважно е дали под преговори подразбира нешто друго освен капитулација на Украина.