Skip to content

Вардар во Велес не е ни за капење: нитрити, петта класа по амонијак и траги од непречистена канализација

1 мин. читање
Сподели
Вардар во Велес не е ни за капење: нитрити, петта класа по амонијак и траги од непречистена канализација

Вардар на влезот во Велес, кај Башино Село, и на излезот, кај Долни Дуќани, не е безбеден за капење и рекреација. Тоа го заклучија стручните лица од велешкиот Центар за јавно здравје по анализите на примероците земени на 17 септември, чии резултати ги објави Општина Велес.

На двете мерни места се регистрирани нитрити, што според анализата укажува на старо и ново фекално загадување. По бактериска контаминација водата е во трета класа. По матност и амонијак е во петтата, најлошата класа, а по фосфати во четвртата.

Фосфатите се трагата што кажува од каде доаѓа проблемот. Според стручната анализа, тие укажуваат на непречистена канализација, на води од домаќинства што користат детергенти со фосфати и на отпадни води од фабрики и преработувачки капацитети. Со други зборови, Вардар низ Велес го носи она што градот и индустријата го испуштаат во него.

Има и „добра“ вест, ако може така да се нарече: по бактериска контаминација реката сега е во трета класа, а пред десетина години била во петта. Реките Тополка и Бабуна се во трета класа по бактерии и матност, без нитрити и фосфати, но ни тие не се препорачуваат за капење.

Анализите ги кажуваат класите. Она што не го кажуваат е кога водата што завршува во Вардар ќе почне да се прочистува пред да стигне во реката. Кој е одговорен за тоа – општината, државата или никој?