Skip to content

Нема упад во Кабинетот на претседателката, но системот имал слабости: Обвинителството ја затвори постапката

1 мин. читање
Сподели
Нема упад во Кабинетот на претседателката, но системот имал слабости: Обвинителството ја затвори постапката

Обвинителството за организиран криминал и корупција ја затвори приказната за наводниот упад во компјутерскиот систем на Кабинетот на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова. Заклучокот: нема докази за кривично дело. Но во резолуцијата има и реченица што заслужува повеќе внимание од самиот заклучок.

Постапката траела по сите правила. Со наредба од Основниот кривичен суд била обезбедена компјутерската опрема, врз неа биле направени информатичко-форензички анализи, проверени биле податоци од мобилни уреди, а разговарано е и со луѓе запознаени со настанот. Секторот за компјутерски криминал при МВР не нашол дигитални траги од неовластено навлегување во системот, ниту докази дека некој снимал или прибирал класифицирани податоци.

Затоа обвинителот оценил дека не се исполнети обележјата ниту на „Оддавање државна тајна“ од член 317, ниту на „Оштетување и неовластено навлегување во компјутерски систем“ од член 251 од Кривичниот законик, ниту на кое било друго кривично дело што се гони по службена должност.

Дупките што останаа

А сега реченицата што не смее да се изгуби. Анализите констатирале „одредени безбедносни и административни слабости во конфигурацијата на системот“, кои, според обвинителството, можеле да претставуваат потенцијален безбедносен ризик. Едноставно кажано: провалник не е најден, но вратите не биле добро заклучени.

Зборуваме за кабинетот на шефицата на државата, институција низ која минуваат документи што по дефиниција не се за секого. Ако форензичарите на МВР нашле слабости таму, природно е прашањето кој го конфигурирал тој систем, кој требало да го надгледува и дали некој веќе работи на поправка.

Обвинителството својата работа ја заврши – тоа гони кривични дела, не поправа сервери. Но некој во државата треба да одговори дали дупките се затворени. Или ќе чекаме следната кривична пријава за да дознаеме?