Skip to content

Мицкоски ветува просечна плата од 1.000 евра до 2028 – Црна Гора веќе ја има, а од 2027 толку ќе биде нејзиниот најнизок минималец

1 мин. читање
Сподели
Мицкоски ветува просечна плата од 1.000 евра до 2028 – Црна Гора веќе ја има, а од 2027 толку ќе биде нејзиниот најнизок минималец

Премиерот Христијан Мицкоски на одбележувањето на 11 Октомври во Куманово ја постави новата цел: просечна плата од 1.000 евра до крајот на мандатот, во 2028 година. Звучи амбициозно. Додека не се погледне преку границата.

Според Државниот завод за статистика, просечната нето-плата во Македонија во јули 2026 изнесувала 48.499 денари, или околу 789 евра. Тоа е номинален раст од 7,1% за една година, а реален од 4,7%. Во Црна Гора, според тамошниот завод МОНСТАТ, просечната нето-плата во август била 1.040 евра. Разликата е околу 251 евро месечно, или над 3.000 евра годишно.

Нашата цел е нивниот минималец

Кај најниските примања контрастот е уште посилен. Црногорската влада го најави „евро моделот“, според кој од јануари 2027 минималната нето-плата ќе изнесува 1.000 евра за работни места со основно образование, 1.250 евра за средно и 1.400 евра за високо образование. Тоа засега е најава чии ефекти допрва ќе се мерат. Но Македонија зборува за просечни 1.000 евра во 2028, а Црна Гора планира толку да изнесува најнискиот минималец во 2027. Македонскиот минималец денес е 26.046 денари, околу 423 евра.

Математиката не е на страната на ветувањето. За просечната плата од 789 да стигне до 1.000 евра, треба номинално да порасне за околу 27%. Ако продолжи да расте по 7,1% годишно, за две години ќе стигне до околу 905 евра. За остатокот треба нешто повеќе од статистичка инерција.

Кошничката бега побрзо

Економистот Бранимир Јовановиќ од Виенскиот институт за меѓународни економски студии потсетува дека минималните месечни трошоци за преживување на четиричлено семејство во септември, според синдикатот, биле околу 69.000 денари, а минималната плата е околу 26.000 денари. На семејство со две минимални плати му фалат 17.000 денари месечно. Пред две години, според него, кошничката била околу 60.000 денари, минималецот околу 22.500, а дупката 15.000. „Таа дупка за овие две години е зголемена за 2.000 денари“, вели Јовановиќ.

Светската банка во својот последен извештај за Македонија, „Избегнување на стапицата на среден доход“, наведува дека Албанија, Србија и Црна Гора во изминатата деценија го намалиле доходовниот јаз со просекот на ЕУ за 7 до 10 процентни поени, а Македонија за само 4, достигнувајќи околу 42% од просечниот БДП по жител во ЕУ во 2024 година.

Целта од 1.000 евра сама по себе не е лоша. Проблемот е што во регионот таа веќе не е цел, туку појдовна точка. Затоа и на социјалните мрежи беше дочекана со потсмев: најголем дел од граѓаните земаат помалку од просекот, па и сегашните 789 евра ги гледаат само во статистиката.