Skip to content

Руски дрон удри во парк покрај кафуле во Харковската област: Зеленски бара воздушна одбрана, Трамп ги одложува санкциите

1 мин. читање
Сподели
Руски дрон удри во парк покрај кафуле во Харковската област: Зеленски бара воздушна одбрана, Трамп ги одложува санкциите

Руски беспилотник „шахед“ удри директно во луѓе во парк, покрај обично кафуле, во Харковската област на североистокот на Украина. Загинаа шест лица, меѓу нив и деца. Уште 14 се повредени, од кои шест деца. Бројките ги објави украинскиот претседател Володимир Зеленски.

Меѓу загинатите е девојчето Ангелина, родено во август 2025 година, кое во моментот на нападот било во количка. Нејзината мајка Ина починала во болница. Загинало и единаесетгодишно девојче. „Ужасен руски напад врз Харковската област. Дроновите директно погодија луѓе во парк, во близина на кафуле. Тоа е чин на чисто варварство“, напиша Зеленски на мрежата X.

Зеленски повторно побара од партнерите поголема поддршка, пред сѐ за противвоздушна одбрана. „Ова се ужасни фотографии, но зад нив се уништени животи и вистината за оваа војна. Животите треба да се заштитат. На Украина ѝ е потребна противвоздушна одбрана“, порача тој. Побара санкциите врз Русија да останат сѐ додека трае убивањето и предупреди дека со Москва не може да се прават пари додека таа ја води војната.

Од Америка побара да биде силна и да го примени таканаречениот закон на сенаторот Линдзи Грејам за заострување на притисокот врз Русија, а од Европа – да продолжи со поддршката. Молбата стигнува во момент кога Вашингтон оди во спротивна насока. Доналд Трамп одби да го потпише новиот пакет санкции против Москва што го изгласа Конгресот, со образложение дека не сака „глупаво да ја оттурне Русија од преговарачката маса“. Неодамна привремено ја укина и забраната за увоз на руски дизел.

„Украина сака мир. Русија е таа што цело ова време инсистира на продолжување на убивањето. Светот има доволно сила да ја запре војната“, напиша Зеленски. Силата навистина постои. Балканот памети колку чини кога големите сили одлучуваат дека ќе реагираат подоцна. Зошто оние што ја имаат таа сила сѐ уште ја чуваат во фиока, додека дроновите паѓаат врз паркови и кафулиња?