Skip to content

Вториот ребаланс годинава: 5,8 милијарди денари помалку за капитални инвестиции, дефицитот останува 4,1 отсто од БДП

1 мин. читање
Сподели
Вториот ребаланс годинава: 5,8 милијарди денари помалку за капитални инвестиции, дефицитот останува 4,1 отсто од БДП

Втор ребаланс на буџетот во текот на годинава, и повторно старата логика: кога парите не стигнуваат, први се кратат инвестициите. Собраниската Комисија за финансирање и буџет го заврши првиот дел од расправата во второ читање, а од среда продолжува со амандманите. Поднесени се вкупно 124.

Бројките ги кажа пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Бране Петрушевски. Вкупните приходи се намалуваат од 379,5 на 374,2 милијарди денари, расходите од 425,8 на 420,5 милијарди, што е по околу 5,3 милијарди денари помалку на двете страни. Дефицитот останува 46,3 милијарди денари, односно 4,1 отсто од БДП.

Од каде се кратат парите? Најмногу кај капиталните расходи, кои се намалуваат за околу 5,8 милијарди денари. Објаснувањето од власта е дека планираните средства се усогласуваат со „реалната динамика на проектите“ и со времето што преостанува до крајот на годината. Во превод: проектите не се одвиваат со темпото со кое беа испланирани.

Опозицијата: „фискален пораз“

Пратеничката на СДСМ, Јована Тренчевска, го нарече ребалансот „официјално признание за неспособност“. Таа посочи дека даночните приходи паѓаат од 213,2 на 209,7 милијарди денари и дека кратењето на расходите е направено за дефицитот да не излезе над веќе високото ниво. Владата, според неа, како причина ги наведува продолжените нарушувања на пазарите на енергенси.

Ковачевски, пак, предупреди дека кратењата ги погодуваат секторите од кои директно зависи квалитетот на животот. „Граѓаните не го оценуваат здравствениот систем според износот што е запишан во Буџетот. Тие го оценуваат според тоа колку долго чекаат за преглед, дали навреме добиваат дијагноза и дали болниците располагаат со потребната опрема“, рече тој, додавајќи дека намалувањето на инвестициите во животната средина ги одложува проектите за почист воздух, вода и управување со отпадот.

Власта вели дека ребалансот не е признание за неуспех, туку одговор на променетите околности, и дека поддршката за општините продолжува. Можеби. Но кога буџетот двапати годишно се прекројува, а и овојпат најлесно се сече она што треба да се гради, останува прашањето: колку од ветените инвестиции ќе останат само во планот за следната година?