Skip to content

Винона Рајдер на 55: виолетовиот фустан од кадифе со кој по раскинувањето со Џони Деп излезе на премиерата на Скорсезе

1 мин. читање
Сподели
Винона Рајдер на 55: виолетовиот фустан од кадифе со кој по раскинувањето со Џони Деп излезе на премиерата на Скорсезе

Винона Рајдер на 29 октомври наполни 55 години, а новата генерација ја знае од „Stranger Things“ и „Wednesday“. Но модната историја ја памети по еден фустан од 1993 година, кој никој не го потпишал, а сите го запомниле: долг, од интензивно виолетово кадифе, со длабоко деколте и тенки прерамки, носен со огрлица околу вратот и мал привезок во форма на срце.

Тој фустан има приказна што почнува четири години порано. Во 1989 година, на њујоршката премиера на „Great Balls of Fire!“, седумнаесетгодишната Винона го запознала дваесет и шестгодишниот Џони Деп. Тој подоцна раскажувал дека тоа била љубов на прв поглед. Околу два месеци подоцна биле заедно, а летото 1990 се свршиле. Во 1990 снимиле „Edward Scissorhands“, филмот во кој нивната хемија се гледа и низ платното.

Деведесеттите ги прогласија за готска љубовна приказна: облечени во црно, затворени, недопирливи. Но славата, постојаното набљудување од медиумите и, според тогашните пишувања, ексцесите на Деп ја направија врската тешка за одржување. Во пролетта 1993 раскинаа. Тетоважата „Winona Forever“ на неговата рака набрзо стана „Wino Forever“ – една од најпознатите корекции во холивудската историја. Тим Бартон во 1997 изјавил дека Деп бил премногу заљубен за да прифати дека е крај.

Неколку месеци подоцна, на 13 септември 1993, Винона се појави на премиерата на „The Age of Innocence“ на Мартин Скорсезе, во која играше со Мишел Фајфер. До неа беше новиот партнер, Дејв Пирнер, пејачот на Soul Asylum, со кого претходно се појави на доделувањето на MTV наградите. А на неа – виолетовото кадифе. Денес модните хроники тој изглед го ставаат меѓу најпознатите „фустани на одмаздата“, термин што подоцна го обележа црниот фустан на принцезата Дајана. Винона самата раскажувала дека Фајфер тогаш ѝ рекла: „Ова ќе помине“ – а таа не можела да поверува.

Дизајнерот на фустанот до ден-денес е непознат. А повеќе од две децении подоцна Винона за Harper’s Bazaar го нарече Деп својата прва вистинска љубов. Во 2020 година, кога тој се судеше со поранешната сопруга, таа го опиша како многу љубезен, внимателен и заштитнички настроен.

Најинтересното е што Винона никогаш не ја играла играта на големите куќи. Повеќето од гардеробата ѝ е винтиџ, на Оскарите облекувала фустани купени за 10 долари, а на една гала-вечер на Шон Пен за Хаити облекла фустан што веќе го носела на премиера во 2005. „Зошто да облечеш нешто само еднаш ако ти се допаѓа?“, вели таа. Модната индустрија секоја сезона ни продава ново. Една од најпознатите жени на деведесеттите одговара со стар фустан и сосема разумно прашање.