Skip to content

Скопјани повторно чекаат автобус по 40 минути: приватниците ги нема, а ЈСП доаѓа преполн

1 мин. читање
Сподели
Скопјани повторно чекаат автобус по 40 минути: приватниците ги нема, а ЈСП доаѓа преполн

Утрово постојките во Скопје се претворија во чекални. Жители на Волково чекале автобус од 6:15 часот и повеќе од 40 минути не дошол ниту еден. На линијата 23 патниците тврдат дека чекале и повеќе од час. Кај Железничката станица автобусите на линиите 5, 15а и 27 минувале, но толку полни што луѓето физички не можеле да се качат.

„Приватните превозници изгледа не возат денес. Од 6:15 чекаме автобус“, напиша жител на Волково во локална група на социјалните мрежи, со совет до соседите: „Излезете порано ако сакате да не доцните денес“. Тоа е реалниот возен ред на градскиот превоз – објава на социјалните мрежи.

Ова не е прв пат. Во јуни 2025 година приватниците два дена не возеа, тврдејќи дека ЈСП им должи повеќе од 150 милиони денари. Во октомври 2025 возеа само од 5 до 10 часот наутро, повторно поради долг, тогаш од 90 милиони денари. Во февруари годинава дел од нив не можеа да тргнат поради дефект на ГПС-валидаторите.

За утринскиот хаос засега нема официјално соопштение со причините. Граѓаните, кои ја плаќаат картата и доцнат на работа и на училиште, повторно дознаваат што се случува од соседите, преку телефон.

Секој пат кога ќе пукне спорот за парите меѓу ЈСП и приватниците, последиците ги трпат патниците – со време, нерви и изгубени работни часови. Колку пати треба да се повтори ова за Град Скопје да најде трајно решение наместо уште една привремена исплата?