Skip to content

Филипче од конгрес: корупцијата цвета, обвинителството служи за реваншизам – но бумерангот лета во две насоки

1 мин. читање
Сподели
Филипче од конгрес: корупцијата цвета, обвинителството служи за реваншизам – но бумерангот лета во две насоки

Од говорница на партиски конгрес, лесно е да се зборува за вистини – потешко е тие да се докажат кога ти самиот беше на власт. Лидерот на опозициската СДСМ Венко Филипче ја искористи трибината за остар напад врз власта: корупцијата цвета, тврди тој, а обвинителството се користи за реваншизам наместо за борба против неа.

„Луѓето не живеат од изјави и пиар. Тие живеат во услови на високи цени, ниски плати и никаква сигурност”, порача Филипче. И додаде бројки за поткрепа: „Во април оваа година трошоците за живот пораснаа за 5,7 проценти споредено со истиот месец лани. Во индустријата, вработеноста падна за 2,3 проценти на годишно ниво.”

Најостриот дел се однесуваше на правосудството. „Судството не покажува напредок; власта бара целосна контрола. Наместо да се бори против корупцијата, го користи обвинителството за реваншизам и напади врз опозицијата”, изјави тој, додавајќи дека и слободата на медиумите опаѓа, а демократијата „згаснува”.

Заврши со реченица скроена за наслови: „Држава не се води со инает, туку со визија. Држава не се брани со изговори, туку со резултати.” Звучи добро – но вреди да се запамети дека истите критики, упатени денес кон власта, можат утре да се вратат како бумеранг. Бидејќи високите цени, слабото судство и притисокот врз медиумите не се појавија преку ноќ; тоа се болести што ги наследи секоја влада во земјава, вклучително и онаа што ја водеше токму оваа партија. Прашањето за гласачот не е кој подобро критикува од опозиција – туку кој реално нешто смени кога бил на власт.