Skip to content

Прославата за независноста чинела 5,5 милиони евра: јавниот повик траел пет дена и стигнала една понуда

1 мин. читање
Сподели
Прославата за независноста чинела 5,5 милиони евра: јавниот повик траел пет дена и стигнала една понуда

Прославата за Денот на независноста требаше да чини „нула денари“. Сега веќе се знае дека потрошени се околу 5,5 милиони евра. Од нив, околу пет милиони доаѓаат од нераспределената добивка на Државната лотарија, а уште околу 40 милиони денари од приватни компании.

Опозицијата бара отворање истрага по трагата на парите. На прес-конференција, претставничката на СДСМ Маја Борозан побара Владата да ги објави сите договори, анекси, фактури, банкарски исплати и даночни пресметки, како и целосната листа на приматели, изведувачи, добавувачи и приватни финансиери.

Пет работни дена и една понуда

Од сите поставени прашања, едно е тешко да се одмине. Јавниот повик траел само пет работни дена и на него пристигнала една единствена понуда.

Тоа не е податок што бара голема истражувачка вештина за да се протолкува. Секој што се занимавал со јавни набавки знае што значи повик од пет дена на кој се јавува еден. Според опозицијата, повикот завршил на 8 мај, а само три дена подоцна властите веќе го најавиле настапот на Дејвид Гета – меѓународен изведувач чиј ангажман се договара со месеци, не со денови.

Ако тоа хронолошки не се совпаѓа, тогаш прашањето не е дали е избран најдобриот организатор, туку кога точно било одлучено кој ќе биде.

Она што сè уште е скриено

Не се познати имињата на компаниите што обезбедиле околу 40 милиони денари, ниту поединечните износи, ниту основата врз која се уплатени средствата. Приватни пари за јавна прослава, без јавен список – тоа е конструкција што само по себе бара објаснување.

Нема јасна евиденција ниту за приближно 1,75 милиони денари од продадени билети. Кој ги наплатил, на која сметка завршиле, како се даночно евидентирани – ништо од тоа не е кажано.

Не е објавено ни колку чинел настапот на Гета: хонорарот, продукцискиот пакет, сцената, техниката, транспортот и меѓународниот тим.

За споредба, опозицијата потсетува дека прославата за членството во НАТО се одржала во 15 града, чинела 240.000 евра – и сите детали и документи биле објавени.

Разликата меѓу 240.000 и 5,5 милиони евра е сама по себе тема за дискусија. Разликата меѓу објавени и необјавени документи е нешто друго. Прва е политичка одлука за колку се троши. Втора е прашање дали граѓанинот има право да види каде завршиле неговите пари.

Владата засега молчи. А молкот на прашање за пет и пол милиони евра секогаш е погласен од секое соопштение.