Skip to content

Еден месец без трага од Љупчо, а семејството прашува зошто не е ниту на списокот на МВР

1 мин. читање
Сподели
Еден месец без трага од Љупчо, а семејството прашува зошто не е ниту на списокот на МВР

Точно еден месец нема никаква трага од Љупчо. Семејството денес повторно се обрати до јавноста – не за да апелира до граѓаните да гледаат околу себе, туку за да праша нешто што би требало да има очигледен одговор: кој активно ја води потрагата?

Неговиот внук Дарко вели дека семејството цел месец живее во неизвесност, страв и надеж, а во меѓувреме само собира информации и се обидува да ги реконструира последните движења на исчезнатиот.

„Сами бараме, сами собираме информации, сами се обидуваме да составиме каде и како се движел во последните денови. И тука морам јавно да прашам: што се случува со потрагата?“, напиша Дарко.

Пријавен како исчезнат, но не и на списокот

Најтешката реченица во апелот е онаа што се однесува на институциите. „Јас, како член на семејството, до ден-денес немам добиено никаква конкретна информација од ниту една институција за тоа што е преземено и што е проверено. Љупчо е пријавен како исчезнат, а сепак не го гледаме ниту на официјалната страница на МВР меѓу исчезнатите лица“, наведува тој.

Тоа е тврдење што има едноставна проверка и уште поедноставно решение. Објавувањето на исчезнато лице на официјалната страница не бара буџет, не бара тендер и не бара седница. Бара некој да ја внесе пријавата во системот. Ако тоа не е направено еден месец, прашањето не е за капацитет – прашањето е за постапка.

Камерите што снимаат сè

Семејството бара одговор и дали во потрагата се користат снимките од камерите низ Скопје и можностите на системот „Безбеден град“, бидејќи, како што тврди Дарко, постојат информации за дел од последните движења на Љупчо.

Тоа прашање доаѓа во недела кога државата се пофали дека истиот систем регистрирал 151 сообраќаен прекршок за ден и пол во Повардарието. Системот работи. Гледа. Снима. Прашањето на семејството е дали тие снимки биле прегледани за човек што исчезнал пред еден месец.

„Дали треба семејството само да открива каде се движел исчезнатиот човек? Дали ние треба сами да ги бараме камерите, сведоците и неговите последни траги?“, прашува внукот.

Семејството истовремено ги повикува граѓаните од Скопје и околината да пријават доколку го забележале Љупчо или располагаат со каква било информација. Информации може да се пријават на 112 за итни случаи или во полиција на 192.

„Љупчо не е само број на пријава. Љупчо е нечиј брат, вујко, татко, сопруг и човек кој има семејство кое секој ден чека да се врати дома“, пишува во апелот.

Институциите не должат резултат – потрагата може да е тешка и без вина на никого. Должат информација. Еден месец без ниту еден одговор до семејството не е знак дека нема што да се каже, туку дека никој не се потрудил да го каже.