Skip to content

Иран: супертанкер удрил во мина во Хормузскиот теснец, а секој што ќе ги прекрши правилата ќе се соочи со пожар

1 мин. читање
Сподели
Иран: супертанкер удрил во мина во Хормузскиот теснец, а секој што ќе ги прекрши правилата ќе се соочи со пожар

Супертанкер натоварен со сурова нафта експлодирал и се запалил откако удрил во поморска мина обидувајќи се да излезе од Хормузскиот теснец. Тоа е верзијата на иранската државна телевизија, според која бродот пловел по „неовластена и опасна рута“. Пожарот бил толку силен што го пријавиле и жители на брегот, далеку од местото на несреќата.

Корпусот на чуварите на исламската револуција (IRGC) додава детал што треба да ја префрли вината врз екипажот: танкерот непосредно пред ударот ги исклучил навигациските системи и GPS-от. Пораката што следуваше не остава простор за толкување. „Секој танкер што ќе ги прекрши правилата и ќе ги занемари безбедносните прописи на Хормузскиот теснец ќе се соочи со огромен пожар“, порачаа од IRGC.

Притоа најавија дека мерките против бродовите што користат „неовластени рути“ повеќе нема да се ограничуваат само на теснецот – таквите пловила ќе ги гонат и „казнуваат“ низ целиот регион. Кој брод, под кое знаме и со каков товар – засега знаеме само она што Техеран сака да го каже.

Иран тврди дека има целосна контрола врз Хормуз од почетокот на „американско-израелската агресија“, а комерцијалниот сообраќај низ теснецот драстично се намали. Британската агенција за поморска безбедност UKMTO во меѓувреме пријави дека друг танкер во теснецот, пловејќи кон излезот, бил погоден во левиот бок од „неидентификуван проектил“. Екипажот е безбеден, бродот е оштетен. Нешто порано UKMTO известила за пожар на уште еден танкер погоден од непознат проектил.

Техеран порачува дека пловниот пат нема да го отвори додека САД не ги исполнат неговите барања. Иранскиот претседател Масуд Пезешкијан, на средба со Владимир Путин во Туркменбаши, ја опиша својата верзија на дипломатијата: „Ние преговараме. Но секогаш кога ќе влеземе во дијалог со Соединетите Држави, тие повторно нè напаѓаат. И покрај тоа, нема да ја напуштиме преговарачката маса.“

Морскиот пат што со децении беше автопат за светската нафта сега има наплатна рампа – само што казната за неплатен влез е пожар на палубата. Кога една држава сама одлучува кои рути во меѓународните води се „овластени“, дали тоа е безбедност или рекет со мини?