Skip to content

Горивата во ЕУ поскапи за 13,7 отсто за година: Во Бугарија скокот е меѓу најголемите, а разликите не се геологија туку политика

1 мин. читање
Сподели
Горивата во ЕУ поскапи за 13,7 отсто за година: Во Бугарија скокот е меѓу најголемите, а разликите не се геологија туку политика

Возачите во Европската Унија во јуни платија малку помалку за гориво отколку месец претходно. Но пред да се израдуваат – сметката и натаму е значително повисока отколку минатото лето. А во соседна Бугарија, поскапувањето е меѓу најголемите во цела Европа.

Податоците на Евростат покажуваат двојна слика. Цените на горивата почнале да се намалуваат на месечно ниво, но останале за 13,7 отсто повисоки отколку во јуни 2025 година. Тоа е забавување во споредба со претходните два месеца – во април годишниот раст изнесувал 20,8 отсто, а во мај 20,7 отсто. Значи, растот успорува, но не запира.

Она што е интересно за нас на Балканот е кој плаќа најмногу. Најголемото годишно поскапување во јуни е регистрирано во Бугарија, каде горивата биле за 26 отсто поскапи отколку лани. Следуваат Литванија со 23,5 отсто, Романија со 23,1 отсто, Финска со 22 отсто и Луксембург со 20,7 отсто. Најмало зголемување имале Унгарија со само 2,3 отсто и Полска со 5,8 отсто.

Разликите меѓу земјите не се случајни – тие зборуваат за различни даночни политики, различни нивоа на конкуренција на пазарот и различна политичка волја да се заштити стандардот на возачите. Кога една земја има 2 отсто раст, а соседната 26, тоа не е геологија – тоа е политика.

Споредбата со мај сепак носи мала олеснителна вест. Просечната цена на дизелот во ЕУ се намалила за 6,4 отсто, а бензинот поевтинил за 4,2 отсто. Дизелот поевтинил во сите земји членки, со најголем пад во Чешка. Прашањето е дали ова е почеток на трајно смирување или само пауза пред следниот скок – особено сега кога Брентот повторно се качува кон 100 долари за барел.