Skip to content

Пет милијарди евра европски пари ги дели шведски приватен фонд: првите отидоа кај финска фирма вредна 11 милијарди

1 мин. читање
Сподели
Пет милијарди евра европски пари ги дели шведски приватен фонд: првите отидоа кај финска фирма вредна 11 милијарди

Додека половина Европа е на одмор, Европската комисија соопшти дека фондот Scaleup Europe е целосно оперативен и дека инвестиции се очекуваат „во наредните недели“. Првата сделка стана јавна веќе следниот ден – што кажува дека договорот бил склучен многу пред соопштението.

Парите одат кај ICEYE, финска компанија за сателитско разузнавање чија проценета вредност сега надминува 11 милијарди долари (околу 10 милијарди евра). Фондот беше еден од водечките инвеститори во нејзиниот круг од серијата Ф. Планот е вкупно 5 милијарди евра да бидат распоредени во компании во фаза на раст, регистрирани во ЕУ или во земји партнери, што работат во стратешки сектори.

„Разузнавањето базирано во вселената станува критична инфраструктура за владите, а фондот Scaleup Europe постои за да не мораат компаниите како нашата да ја напуштат Европа за да се натпреваруваат глобално“, напиша извршниот директор на ICEYE, Рафал Моджевски, на LinkedIn. Реченицата ја открива вистинската дијагноза: проблемот на Европа не е што нема идеи, туку што нејзините компании заминуваат кога им треба сериозен капитал.

Јавни пари, приватен управител

Она што го прави овој фонд различен од вообичаените европски програми е кој го држи кормилото. Наместо да го водат институции од Брисел, управувањето му е доверено на шведскиот управител со средства EQT, избран преку отворен повик за „искусни фонд-менаџери“. Меѓу кандидатите биле и Eurazeo, Northzone и Vitruvian Partners, а Atomico бил последниот конкурент – веројатно попречен затоа што седиштето му е во Лондон, надвор од Унијата.

EQT управува со над 300 милијарди долари средства. „Европа ја докажа својата способност да создава успешни технолошки компании во рана фаза, предизвикот сега е тие бизниси да прераснат во глобални лидери додека ги задржуваат своите европски корени“, изјави извршниот директор Пер Франзен.

Кој ги дал парите

Првото затворање на фондот е закотвено со една милијарда евра од самата Комисија, а покрај неа стојат институционални инвеститори од целиот континент: германскиот осигурителен гигант Allianz, холандскиот пензиски фонд ABP преку APG, шпанските CriteriaCaixa и Mouro Capital, италијанските Fondazione Compagnia di San Paolo, Intesa Sanpaolo и Fondazione Cariplo, и данските EIFO и Novo Holdings.

Собирањето на средства ќе се протега во 2027 година, а вториот круг би можел да биде отворен и за неевропски инвеститори – под услов да се усогласени со целите на фондот. Според извештаи, Комисијата навестила дека фондот еден ден би можел да порасне до 25 милијарди евра. Тоа е бројката на која вреди да ѝ се обрне внимание: со 5 милијарди Европа е исклучок во сопствениот двор, но сè уште мала во споредба со американските и азиските фондови за раст.

И тука е прашањето што соопштението не го поставува. Мандатот на EQT е широк – „вклучувајќи, но не ограничувајќи се на длабока технологија, науки за животот, чиста технологија, напредно производство и дигитални технологии“. Толку широк мандат значи дека одлуката каде одат европските јавни пари ја носи еден шведски приватен управител, а не избран орган. Можеби тоа е токму поентата, бидејќи институциите досега не се прославија со ризичен капитал. Но нека остане запишано дека така е поставено.

За стартап од овој регион, првата сделка е и порака и мерка. Порака: постои европски капитал што не бара преселба во Калифорнија. Мерка: тој капитал засега оди кај фирма со вредност над 11 милијарди долари, а не кај онаа што ја бара својата прва милион. Фазата на раст е токму тоа – фаза во која веќе мора да си стигнал.