Skip to content

Вајдел го кажа планот гласно: излез од еврото и крај на Шенген, а АфД веќе е пред ЦДУ

1 мин. читање
Сподели
Вајдел го кажа планот гласно: излез од еврото и крај на Шенген, а АфД веќе е пред ЦДУ

Алис Вајдел не се криеше. Во летното интервју за германската јавна телевизија, лидерката на АфД го изложи планот без ниту едно ублажување: излез од еврото, затворени граници, излез од Шенген. Три реченици што ја разглобуваат целата архитектура на европскиот проект што Германија го градеше седумдесет години.

За валутата тврди дека „Германија беше значително подобро пред воведувањето на еврото“ – според неа, заедничката валута ја ослабила германската економија и им го намалила богатството на домаќинствата. За границите беше уште покуса: „Ќе ги затвориме и ќе излеземе од Шенген“. Плус масовни депортации, построги правила за државјанство и укинување на азилантската заштита за Сиријците.

Ова не е маргинална партија што вика од последниот ред. Пред изборите во Саксонија-Анхалт на 6 септември, АфД има над 40 отсто поддршка. На национално ниво стои на 27 отсто – пет поени пред ЦДУ на Фридрих Мерц, кој има 22. Вајдел го кажа и она што најмногу боли: „Ќе владееме во првите сојузни покраини. И ќе владееме на федерално ниво.“

Кој ја отвори вратата

Партијата што стартуваше во 2013 година како академска, евроскептична иницијатива против спасувањето на Грција, денес е националистичка сила на десницата. Меѓу тие две точки има една деценија во која мејнстрим партиите ја држеа стратегијата на бојкот – никаква соработка, никаков разговор, ѕид. Резултатот од тој ѕид е партија со 27 отсто.

За Македонија ова не е далечна германска тема. Шенген не е апстракција за никого што чекал на граничен премин, а еврото е валутата во која се пресметуваат и платите на печалбарите и цените дома. Кога втората најголема партија во најголемата економија на ЕУ отворено вели дека сака да го расклопи и едното и другото, прашањето не е дали тоа ќе се случи утре – прашањето е што останува од ветувањето за кое чекаме дваесет години.

Вајдел е економистка, поранешна вработена во Голдман Сакс, зборува мандарински. Не е никаква улична фигура и токму тоа е поентата: гласовите не ѝ доаѓаат од маргината, туку од избирачи што сметаат дека мејнстримот не ги слуша. Позната сцена?