Skip to content

Педесет и два прекршоци во една контрола, деветмина под алкохол: Охридското Езеро има закон, но нема кој да го спроведе

1 мин. читање
Сподели
Педесет и два прекршоци во една контрола, деветмина под алкохол: Охридското Езеро има закон, но нема кој да го спроведе

Бротче удрило во СУП даска на плажата Лагадин и исфрлило двајца капачи во водата. Тоа се случило блиску до брегот, во зона каде според законот моторните пловила треба да се движат со мала брзина. Капетанијата на пристаништата и полицијата го регистрирале случајот, ги испитале оштетените и сведоците, но официјален извештај сè уште нема.

Одговорот дојде од луѓето, не од институциите. Жителите на Лагадин, поддржани од еколошки активисти, влегоа во езерото со СУП даски и направија водена блокада. Потоа се префрлија на копно и половина час наизменично го блокираа регионалниот пат кон Свети Наум.

„УНЕСКО, имаме проблем“

Транспарентите ја кажуваат целата листа поплаки одеднаш. „УНЕСКО, имаме проблем“, напишано на англиски за да го прочита оној на кого е упатено. „Бетонот – смрт за туризмот“. „Урбанизација без канализација“. И еден што е буквално правна одредба: „Закон за внатрешна пловидба, член 13“.

Кога граѓани носат на протест број на член од закон, тоа значи нешто прецизно – дека законот постои и не се спроведува. Не бараат нов пропис. Бараат некој да го примени постојниот.

Освен безбедноста на капачите, на протестот беше и изградбата на спорниот хотел на самиот брег. Со пораките „Бараме антикорупциска истрага за хотелот во Лагадин“ и „Хотелот во Лагадин – урбанистички злочин“, демонстрантите побараа од Државната комисија за спречување на корупцијата и од Обвинителството да го испитаат целиот процес околу издавањето на дозволите.

Педесет и два прекршоци, деветмина под алкохол

Надлежните велат дека спроведуваат засилени контроли, и бројките што ги објавуваат го потврдуваат тоа – но истовремено објаснуваат зошто протестот се случи. Во само една од последните заеднички контроли на полициските службеници од Полициската станица за граничен надзор „Охридско Езеро“, Регионалниот центар за гранични работи Запад и инспекторите од Капетанијата, биле констатирани 52 прекршоци.

Деветмина од контролираните управувале пловни објекти под дејство на алкохол. Во една акција.

Најчестите прекршоци: пловење со истечена пловидбена дозвола, управување без уверение, неносење појас за спасување, претовар на пловните објекти, глисирање во близина на брегот, пловење без осветлување ноќе.

Правилата постојат и се сосема јасни

Глисерите и водените скутери смеат да глисираат дури откако ќе ја напуштат зоната од 300 метри од брегот. Дотогаш мора да се движат со мала брзина. Казната за непочитување е 250 евра, а при повторени прекршоци може да следува и одземање на скутерот.

За педалинките: не смеат да се издаваат на малолетници без надзор, не смеат да носат повеќе од четири лица, задолжителни се елеци за спасување, и не смеат да се оддалечуваат повеќе од 300 метри од брегот.

Од 2 јуни Министерството за транспорт воведе и забрана за возење скутери на Охридското, Преспанското и Дојранското Езеро од 1 јули до 31 август, во периодот од 11 до 19 часот. Ограничена е и ноќната пловидба со чамци.

Тринаесет спасители на единаесет капалишта

Одговорност имаат и концесионерите на плажите. Согласно прописите, секој концесионер треба да обезбеди најмалку еден спасувач и да ги почитува безбедносните стандарди. Во моментов, на 11 капалишта се ангажирани 13 спасители.

Тринаесет луѓе за единаесет плажи, во август, на езеро на кое истовремено се движат капачи, туристи, чамци, глисери, скутери, педалинки и СУП даски. Формално, минимумот е исполнет. Практично, тоа е по еден човек на плажа со неколку стотици луѓе во водата.

Плажите треба да бидат обележани со бови што ја определуваат зоната за капење. На плажата на која се случи инцидентот, во близина на брегот редовно има и по дваесетина закотвени глисери.

Каде запира приказната

Значи имаме закон, имаме казна од 250 евра, имаме забрана за скутери во најпрометните часови, имаме обврска за спасувачи, имаме бови и зони. И сепак имаме бротче што влегло во СУП даска покрај брегот, и капетанија што два дена подоцна нема официјален извештај.

Прописите на Охридското Езеро не се проблемот – тие се многу детални. Проблемот е што меѓу пропишаното и она што се гледа од плажа во август стои простор што го пополнуваат самите граѓани, со даски, во вода, за да го натераат некој да реагира.