Skip to content

Почина Раиф Диздаревиќ, последниот претседател на СФРЈ: една година на функција, точно кога државата почна да пука

1 мин. читање
Сподели
Почина Раиф Диздаревиќ, последниот претседател на СФРЈ: една година на функција, точно кога државата почна да пука

Раиф Диздаревиќ, последниот жив претседател на Претседателството на СФРЈ, почина во стотата година од животот. Веста ја објави историчарот Хуснија Камберовиќ.

Со него си оди последниот човек што седел на врвот на федерацијата пред таа да се распадне. Роден на 9 декември 1926 година во Фојница, во Народноослободителната војна влегол во 1943, а во Партијата во 1945 година. Кариерата ја почнал во безбедносните служби – ОЗН, потоа УДБ. Од 1951 година е во дипломатијата: амбасади во Бугарија, во Советскиот Сојуз, во Чехословачка.

Од 1972 година е помошник сојузен секретар за надворешни работи. Од април 1978 до април 1982 е претседател на Социјалистичка Република Босна и Херцеговина. Од 1982 до 1984 претседава со Собранието на СФРЈ, од 1984 до 1987 е сојузен секретар за надворешни работи, а од 15 мај 1988 до 15 мај 1989 година е претседател на Претседателството на СФРЈ.

Годината што ја држел во раце

Тие точно 365 дена не биле обична смена. Тоа е годината кога федерацијата почнала да пука на шевовите, кога во републиките веќе се формирале политичките сили што за две години ќе ја разнесат целата конструкција. Диздаревиќ бил на функцијата што формално ја претставувала целата држава – во моментот кога таа држава веќе не постоела како заедничка одлука, туку само како процедура.

Ротацијата беше механизам смислен да спречи еден човек да ја држи власта. Функционираше беспрекорно во тоа – и токму затоа никој не можеше да преземе одговорност кога тоа беше најпотребно. Секој претседател имаше една година: премалку за да поправи нешто, доволно за подоцна да напише книга за тоа.

А тоа и го стори. По политиката се вратил во Сараево и напишал мемоари – меѓу нив „Од смртта на Тито до смртта на Југославија“ и „Време кое се памти“. Наслови што ја кажуваат целата приказна пред да ја отвориш книгата.

Со Диздаревиќ заминува и последниот сведок од самиот врв на таа држава. Останаа архивите, мемоарите и шест земји што сè уште не се согласуваат ниту околу тоа кога точно почнал крајот.