Skip to content

Стопанската комора бара кратење на празниците, синдикатите одговараат: за плати не се слуша

1 мин. читање
Сподели
Стопанската комора бара кратење на празниците, синдикатите одговараат: за плати не се слуша

Стопанската комора на Македонија ќе достави до Министерството за економија и труд предлог-измени на Законот за празниците, со кои, како што велат, сака да ја зголеми продуктивноста. Предлогот има два дела. Наместо сите верски празници, работниците би избирале само дел што ќе ги празнуваат, а за останатите би биле на работа. Државен празник што ќе падне во недела повеќе нема да се префрла на понеделник.

Денес сите граѓани имаат 11 заеднички неработни денови. Православните верници имаат уште пет, католиците три, муслиманите уште еден, а по еден ден имаат и припадниците на заедниците. Програмата на Министерството за 2026 година предвидува вкупно 27 неработни денови, иако никој не ги користи сите, бидејќи дел важат само за одредени групи. Со предлогот, бројот на неработни денови индиректно би се свел на 13.

Комората се повикува на анализа на 36 европски економии со просечно 11 до 14 неработни денови и тврди дека, кога ќе се додадат верските празници, Македонија е меѓу земјите со најмногу празнични денови. Проектната менаџерка Анета Димовска вели дека предлогот не укинува празници, туку ги ревидира правата, и дека работниците со спојување на деновите често заминувале во соседните држави.

Две работи недостигаат. Работодавците немаат направено анализа колку губат компаниите додека работниците се дома за празници, ниту колку би заработиле ако тие се на работа. А синдикатите не биле ни консултирани – Димовска сама призна дека Сојузот на синдикати не бил информиран.

Одговорот стигна веднаш. „Стопанска комора зборувале да кратат празници, а да платат не им се слуша!“, напиша претседателот на Сојузот на синдикати на Македонија, Слободан Трендафилов. Ако Европа е модел за бројот на празниците, дали ќе биде модел и за платите?