Skip to content

Камионите за смет се предадени, но уште не возат: Ѓорѓиевски најавува 3.300 контејнери, а Скопје и натаму чека чисти улици

1 мин. читање
Сподели
Камионите за смет се предадени, но уште не возат: Ѓорѓиевски најавува 3.300 контејнери, а Скопје и натаму чека чисти улици

Каде е најблискиот контејнер за рециклирање и кои стојат полни со денови? Сè е на една мапа, со податоци што се ажурираат секој ден.

Отвори го водичот за рециклирање →

Новите камиони за смет одамна се фотографирани. Пред повеќе од месец дена беа промовирани со сета помпа, за Скопје и за уште десет градови. Сега градоначалникот Орце Ѓорѓиевски соопшти дека возилата се предадени на „Комунална хигиена“. На улиците, сепак, уште ги нема.

„Во наредните денови, по завршувањето на правните процедури, излегуваат на терен“, вели градоначалникот. Кои се тие процедури и зошто не беа завршени пред промоцијата, не кажа. До крајот на неделата, најави, треба да стигне и првата испорака од вкупно 3.300 нови контејнери, „најголемата набавка досега“.

Ѓорѓиевски не пропушти да ги обвини претходниците. Скопје, вели, „предолго губеше поради неодговорноста и неажурноста“ на оние пред него, а на запуштеноста сега ѝ се става крај „со работа и конкретни дела“. Порачува и дека „секој од нас има одговорност“ да го чува градот чист.

Десет месеци подоцна

Граѓаните имаат право на малку нетрпение. Од изборот на Ѓорѓиевски поминаа нешто повеќе од десет месеци, а сликата околу контејнерите е позната: преполни канти, истечоци околу нив, смрдеа среде лето. Брзите промени што беа ветувани во кампањата засега се гледаат главно на фотографиите од промоциите.

Нови камиони и нови контејнери се добра вест, ако навистина почнат да возат. Но камион што стои на паркинг додека се чекаат „правни процедури“ не собира смет. Ќе ги видиме ли на улица оваа недела – или ќе дочекаме уште една свечена церемонија?